ЗАГАДУВАЊЕТО ГИ ЗАСИЛУВА АЛЕРГИИТЕ, ПРОМОЦИЈА НА УЧЕБНИК ЗА СИТЕ ВИДОВИ АЛЕРГИИ

    ЗАГАДУВАЊЕТО ГИ ЗАСИЛУВА АЛЕРГИИТЕ, ПРОМОЦИЈА НА УЧЕБНИК ЗА СИТЕ ВИДОВИ АЛЕРГИИ„Бројот на болни од алергиски заболувања е двојно зголемен, притисокот е голем и оттаму потребата да се издаде учебник каде на едно место се опишани сите алергиски заболувања“, кажа проф.Докиќ

    Секој втор или трет Македонец има алергија, кажа проф. д-р Дејан Докиќ, директор на Клиниката за пулмологија и алергологија на презентацијата на новиот учебник „Алергологија“. Тој кажа дека според студијата направена во 2003 година бројот на болни од алергии е двојно зголемен, односно од 11,5 на 25, 1 отсто и дека таа бројка за 2018 година се очекува да биде уште поголема. Деведесет отсто од сите алергии во Македонија се предизвикани од полен од трева и корови и од домашна прашина.

    „Огромен е бројот на пациенти и оттаму потребата да се направи овој учебник. За прв пат во Македонија се објавува книга Алергологија во која на едно место систематски и клинички ориентирано се опишани сите алергиски болести. Нашиот наставен план беше таков што одделни делови од алергологијата беа пишувани во различни предмети што се изучуваат. Тие имаат една заедничка особина, тоа е една брза алергиска реакција, која е во основата на сите алергиски болести, но различно се манифестира и влијае на различни органи“, кажа Докиќ.

    Тој рече дека алергиите од домашна прашина и целогодишните алергии се асоцирани со аерозагадувањето, кое ги влошува симптомите на алергиските манифестации и дека заради аерозагадувањето на Клиниката за пулмологија изминатиот период имале повеќе пациенти.

    Според академик Момир Поленаковиќ, учебникот, кој содржи 33 поглавја, е напишан со современ научен пристап и секој лекар, специјализант или докторант треба да ја има оваа книга на својата маса, за да им помогнат на најдобар можен начин на своите пациенти.

    Автори на учебникот покрај проф.д-р Докиќ, кој е и уредник на учебникот се и докторите Магдалена Антова, Горица Брешковска, Емилија Влашки, Весна Гривчева пановска, Анѓелко Ѓорчев, Бисерка Јовковска Ќаева, Јованка Каранџиска Бислимовска, Драган Мијаковски, Јордан Минов, Сузана Николовска, Александар Петличковски, Саш0 Столески, Елена Трајковска Докиќ, Илија Филипче, Љубица Шутуркова.

    Е.БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира