ПРЕДЛОЗИТЕ НА НИМИЦ СЕ ДАЛЕКУ ОД ДОСТОИНСТВЕНО РЕШЕНИЕ, КАЖА ПРЕГОВАРАЧОТ НАУМОВСКИ ПО СРЕДБАТА ВО ЊУЈОРК

    ПРЕДЛОЗИТЕ НА НИМИЦ СЕ ДАЛЕКУ ОД ДОСТОИНСТВЕНО РЕШЕНИЕ, КАЖА ПРЕГОВАРАЧОТ НАУМОВСКИ ПО СРЕДБАТА ВО ЊУЈОРКПосредникот на Обединетите нации Метју Нимиц на прес-конференција со преговарачите Адамантиос Василакис и Васко Наумовски во Њујорк. (Фото: принтскрин)

    Македонскиот преговарач за името Васко Наумовски, по денешната средба со посредникот на ОН Метју Нимиц и грчкиот преговарач Адамантиос Василакис во Њујорк, во изјава за „Сител“ кажа дека предлозите изнесени од Нимиц се далеку од достоинствено решение. Засега нема официјална реакција од Владата на изјавата на Наумовски.

    „Нашата држава има име, тоа е Република Македонија, името што е во основата на нашиот идентитет. Исто така, денес во 2018 година никој не може да го негира постоењето на македонскиот народ и македонскиот јазик. Од страна на медијаторот денеска беа презентирани некои идеи за кои што сметам дека излегуваат од оваа рамка и дека се далеку од едно достоинствено решение, но, сепак, овие предлози ќе бидат презентирани пред државно-политичкиот врв и истиот ќе може да заземе став по ова прашање“, рече Наумовски.

    Нимиц по средбата со двајцата преговарачи најави дека на повидок е решение за спорот за името, со што ќе се стави крај на 27-годишниот спор меѓу Грција и Македонија.

    „Имам големи надежи дека овој процес се движи во позитивна насока“, рече Нимиц по завршувањето на разговорите со Наумовски и Василакис.

    Тој додаде дека на преговарачите им дал нов предлог, кој е всушност нова комбинација од неговите стари идеи и дека очекува тие со нивните влади да го разгледаат.

    „Ова е процес што се одвива 25 години и тешко е да измислите нешто ново“, рече посредникот, но одби да ја коментира содржината на предлогот и рече дека во следните седмици ќе ги посети Скопје и Атина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира