Претседателот Доналд Трамп и Конгресот не успеаја да го испочитуваат крајниот рок и да го изгласаат привремениот закон со кој ќе се овозможеше финансирањето на владата до 16 февруари, со што некои владини институции престанаа со работа.
Како последица на ова, се замрзнува статусот на сите административци вработени во несуштински сектори или тие одат на привремен неплатен одмор.
При последното затворање на владата во октомври 2013 година, повеќе од 800.000 вработени во административниот сектор не одеа на работа две недели. Не е познато колку долго сега ќе трае застојот, но еве како ова ќе се одрази врз клучните сектори.
ВОЈСКА: ова нема да се одрази врз активностите во Афганистан, ниту врз воените операции против Исламска држава во Ирак и Сирија. Целиот воен персонал од 1,3 милиони луѓе продолжува со своите нормални должности.
ПРАВДА: 95.000 од 115.000 вработени продолжуваат со работа.
ФИНАНСИИ: Комисијата за обврзници и берза ќе остане целосно во функција и во наредните денови, а други институции ќе го намалат бројот на вработени за 95%.
БЕЛА КУЌА: повеќе од илјада од 1.715 вработени одат на привремен одмор. На Трамп, сепак, ќе му остане доволно персонал за важните активности. Поради новите околности, тој би можел да го откаже учеството на Светскиот економски форум во Давос.
НАЦИОНАЛНИ ПАРКОВИ: остануваат достапни, но Статуата на слободата во Њујорк и некои други знаменитости ќе бидат затворени.
ПОШТА: испораките ќе продолжат без прекини.
СУДОВИ: федералните судови, вклучувајќи го и Врховниот, ќе продолжат нормално да оперираат и во следните три недели, и без дополнително финансирање.
ДАНОЧНИ СЛУЖБИ: во 2013 година беше замрзнат статусот на 90% вработени, со што имаше одложување на повратот на данокот во висина од четири милијарди долари.
ЈАВЕН СООБРАЌАЈ: не се очекуваат прекини во авионскиот и во железничкиот сообраќај.