Жаклина Пешевска, пратеничката од ВМРО ДПМНЕ која ги пречекуваше и дел ги прегрнуваше напаѓачите во Собранието на 27 април, откако собраниските пломбирани врати ги отворија колегите сопартијци Крсто Мукоски и Сашо Василески, денеска побара да ѝ биде укинат куќниот притвор на јавна седница во Апелацискиот суд.
Вишото јавно обвинителство остана на ставот дека Пешевска може да влијае врз сведоците и да уништува докази во врска со делото за кое што е осомничена. Обвинителката потсети дека Пешевска и одбраната се заблагодариле пред судијата на претходна постапка дека добила мерка куќен притвор, место притвор. Таа побара да се одбие жалбата на Пешевска.
На јавната седница во Скопска апелација, на која со полициско комбе беше донесена Пешевска, таа побара да се брани од слобода.
„Во животот немам сторено кривично дело, а најмалку тероризам. Не сум ги довела во опасност животите на други пратеници. Прво ме уапсија иако се повикав на пратенички имунитет. По 16 часа под полициско обезбедување, ми беше кажано дека не може да ме испраша судијата, зашто сум имала пратенички имунитет“, рече Пешевска.
Нејзиниот адвокат му честиташе на Народниот правобранител Иџет Мемети, кој пред околу 2 недели рече дека правата на пратениците при апсењето и одредувањето мерка притвор, биле прекршени.
„На пратеничката Пешевска ѝ е прекршено уставното право, притворена е без барањето од судот за симнување на имунитетот. Пешевска е мајка на три малолетни деца, хронично болни се некои од нив, живее со свекор и свекрва, кои се болни, за што поднесовме медицинска документација. Каде е тука опасноста од нејзино бегство?“, праша адвокатот.
Вишата јавна обвинителка рече дека апсолутно е дозволена и достапна медицинска нега, како на осомничената, така и на членовите на нејзиното семејство. Советот на Апелација во наредните денови ќе одлучи по жалбата на Пешевска.
С. К. ДЕЛЕВСКА