600 УЧЕНИЦИ ВО БИТОЛСКО ШКОЛО ПОД РИЗИК ДЕКА ЌЕ ИМ ПАДНЕ ТАВАНОТ ВРЗ ГЛАВА

    600 УЧЕНИЦИ ВО БИТОЛСКО ШКОЛО ПОД РИЗИК ДЕКА ЌЕ ИМ ПАДНЕ ТАВАНОТ ВРЗ ГЛАВАВо Централното основно училиште „Тодор Ангелевски“ во Битола, каде учат 663 ученици, последната мала поправка била направена пред 14 години (Фото: СДК.МК)

    Покривот во Централното основно училиште „Тодор Ангелевски“ во Битола е во лоша состојба и прокиснува, па постои опасност ветрот да го отскрие објектот. Во истоименото подрачно училиште во Горно Оризари постои опасност од паѓање на таванот, па потребна е итна санација. Ова е само дел од лошата состојба што ја констатирала новата директорка на училиштето Љубица Стерјева, при примопредавањето на функцијата.

    Во катастрофална состојба се и подрачните основни училишта во селата Горно Оризари и Стрелиште (Фото: СДК.МК)

    Во извештајот што го испратила до Министерството за образование напишала дека врз зградата на Централното училиште каде учат 663 ученици, последната мала поправка била направена пред 14 години. Керамидите се стари и при промена на временските услови се кршат, па таванот прокиснува и е испукан. Во наставничкото веце постои опасност да се истури таванот во секое време. По секое врнење визбите се поплавуваат.

    Дел од прозорците се искршени, а не се заменети со нови туку со иверица, па во тие училници нема доволно светлина. Голем дел од механизмите на прозорците се уништени. Клупите и столчината во лоша состојба, па потебно е нивно обновување, напишала директорката.

    Училиштето не поседува тела за осветлување и рефлектори за кои има потреба во попладневната смена при одржување на наставата. Директорката исто констатирала дека во случај на пожар училиштето е небезбедно бидејќи нема хидрантска мрежа, а противпожарните апаратите воопшто не се сервисирани.

    Во случај на пожар училиштето е небезбедно бидејќи нема хидрантска мрежа, а противпожарните апаратите воопшто не се сервисирани (Фото: СДК.МК)

    За Подрачното училиште во приградската населеба Горно Оризари, каде учат 215 ученици, Стерјева исто така го информирала Министерството за образование дека е во катастрофална состојба. Напишала дека 38 стакла се целосно искршени и залепени со селотејп трака и картон. Влезната врата од училиштето целосно уништена, часовите по физичко образование се изведуваат во помошна просторија, а спортските терени и дворот имаат потреба од асфалтирање. Водоводната инсталација има потреба од целосна реконструкција.

    Во другото подрачно училиште во населбата Стрелиште каде учат 66 деца, не само водоводната, туку и електричната инсталација е стара, па константно се јавуваат дефекти.

    Ова е последица на лошата финансиска состојба во која десет години наназад се битолските училишта. Десетина основни и средни училишта во изминатиот период опстојуваа со блокирани сметки. Неодамна градоначалничката Наташа Петровска изјави дека проблемот со задолженоста на училиштата е посебно сложен и дека должат 4,5 милиони евра.

    Пред неколку месеци, битолската јавност имаше можност преку новинарските извештаи да се запознае и со состојбата во средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ во Битола, каде практично немаше ни една здрава врата, школскиот инвентар беше застарен, ѕидовите и подовите со дупки.

    Во иднина, за надминување на состојбите неопходно е зголемување на блок дотациите што од државниот буџет се префрлуваат на општините за образованието и одговорно работење на раководните стрктури во образованието.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира