СТРУМИЧКИОТ КАРНЕВАЛ ИМ ОТКАЖУВА НА СТРАНСКИТЕ ГРУПИ ОТИ НЕМА ХОТЕЛИ

    СТРУМИЧКИОТ КАРНЕВАЛ ИМ ОТКАЖУВА НА СТРАНСКИТЕ ГРУПИ ОТИ НЕМА ХОТЕЛИНаместо за 650, хотелско сместување има за 450 карневалци од странство што сакаат да учествуваат на дефилето на струмичкиот карневал на 17 февруари (Фото: СДК.МК)

    Бугарски и македонски туристички агенции уште лани во ноември закупиле дел од струмичките хотели за време на карневалот, поради што организациониот одбор се мачи да најде сместување за карневалците од странство. Велат дека се принудени да откажуваат гостопримството на групите што сакаат да учествуваат на струмичкиот карневал, чие дефиле е закажано на 17 февруари.

    Александар Цицимов од градскиот комитет на ФЕКК од Струмица ни потврди дека веќе им се заблагодариле на интересот за учество на групите од Украина и списокот со гостите треба да го кратат. Планирани биле околу 650 карневалци, но поради ограничениот број на сместувачки капацитети бројката ја намалиле на 450 гости од странство.

    „Место да бараме нови групи од странство да бидат на струмичкиот карневал ние сме принудени да ги откажуваме тиe што покажале интерес. Нема слободни легла. Туристички агенции од земјава и Бугарија уште во ноември ги закупиле хотелите во градот. Не е коректно што хотелиерите не нè прашаа за нашите потреби, бидејки традиционално, секоја година, носиме околу 600 гости за кои ние сме задолжени. Впрочем, благодарение на карневалот доаѓаат гостите“, вели Цицимов.

    Според него, учеството на карневалот им е потврдено на 22 групи од Бугарија, Србија, Германија, Аруба, Хрватска, Словенија, Италија, Босна и Херцеговина.

    Струмичкиот карневал ќе започне на 14 и ќе трае до 21 февруари, а се очекуваат 20.000 посетители. Големото карневалско дефиле ќе биде на 17 февруари, на кое се очекуваат околу 1.500 карневалци од земјава и од странство. За првпат годинава, по завршувањето на големото дефиле ќе има румба и самба забава под маски на струмичкиот плоштад, со ди џеи од карипскиот остров Аруба.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира