Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција побара од Основниот суд Скопје 1 да ѝ биде укината мерката куќен притвор на пратеничката Жаклина Пешевска, а за Игор Дурловски мерката притвор да биде заменета со мерка куќен притвор, соопшти Јавното обвинителство. И двајцата се осомничени за настаните што се случија на 27 април 2017 година во Собранието.
За останатите 33 осомничени лица обвинителството останува на барањето за продолжување на претходно изречените мерки за обезбедување на присуство и за непречено водење на кривичната постапка.
„Надлежниот обвинител побара од судот за лицето Ж. П да биде укината мерката куќен притвор и истата да биде заменета со мерки на претпазливост, а за осомниченото лице И.Д. мерката притвор да биде заменета со мерка – куќен притвор“, соопшти Јавното обвинителство.