ПО НИЕДЕН ЗАКОН НЕ ТРЕБАШЕ ДА СЕ ИЗЗЕМАМ ПРИ ИЗБОРОТ НА ВНУКА МИ, ВЕЛИ КОЛЕ ШТЕРИЕВ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОВЕТОТ НА ОБВИНИТЕЛИ

    ПО НИЕДЕН ЗАКОН НЕ ТРЕБАШЕ ДА СЕ ИЗЗЕМАМ ПРИ ИЗБОРОТ НА ВНУКА МИ, ВЕЛИ КОЛЕ ШТЕРИЕВ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОВЕТОТ НА ОБВИНИТЕЛИПретседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штериев при изборот на неговата внука за обвинител во Организиран криминал гласалл воздржано. (Фото: принтскрин)

    Претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штериев тврди дека никаде не е пропишана законска обврска дека требало да се изземе при гласањето за неговата роднина Марија Ѓоргева на вчерашната седница, кога таа беше избрана за обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

    „Јас за изборот на Ѓоргева гласав воздржано. Но, морав да учествувам во гласањето, зашто има празни места во Советот, нема кворум за работа. Ако ја напуштев седницата, ќе немаше избор на обвинители. Сите останати членови гласаа за Ѓоргева. Во Законот за Советот на јавни обвинители не пишува дека треба во ваков случај член на Советот да се изземе. Каде пишува дека требало да се изземам?“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК претседателот Штериев.

    Оттаму тој смета дека изборот на обвинителката Ѓоргева е во согласност со законите и нема основ и причина да се поништува.

    За разлика од него, Јавниот обвинител на Македонија Љубомир Јовески, кој учествуваше во гласањето и изборот на обвинителите во најважниот оддел во обвинителството, смета поинаку.

    „Јас не гледав во колегите кој за кого од кандидатите гласа, но видов дека за обвинителката Ѓоргева за која ме прашувате, претседателот Штериев гласаше воздржано. Сепак, сметам дека требаше да се изземе во ваков случај, кога на огласот беше пријавена неговата внука“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК државниот обвинител Јовески.

    На прашањето дали изборот на внуката на Штериев за обвинител на организиран криминал и корупција е легален и дали треба да се поништи и повтори без да гласа Штериев, тој вели дека тоа е прашање што треба да се упати на Советот, а не нему како член на тој Совет.

    Марија Ѓоргева, Енѓелуша Кадриу – Леши, Ивана Трајчева и Валентина Бислимовска се новите обвинители на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција што ги избра вчера на долга седница Советот на јавни обвинители. На четворица нивни колеги, меѓу кои и Златко Биковски од „Пуч“ и Владимир Милошевски од „Поткуп“, каде обвинет е премиерот Зоран Заев, им истече претходно мандат, по што тие се враќаат во обвинителствата од кај што дошле.

    На досегашните функции во ОЈО за организиран криминал продолжуваат обвинителите: Вилма Русковска, Наум Пановски и Сузана Мирчевска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира