ВО ГРАДОВИТЕ БЕЗ ДЕЖУРНА АПТЕКА ФАРМАЦЕВТОТ ЌЕ ДОАЃА НА ПОВИК

    ВО ГРАДОВИТЕ БЕЗ ДЕЖУРНА АПТЕКА ФАРМАЦЕВТОТ ЌЕ ДОАЃА НА ПОВИКАптеките побарале да се дежура на повик поради економски причини, бидејќи итни случаи во ноќните часови има малку. (Фото:СДК.МК)

    Од почетокот на годината аптеките во Велес, во ноќните часови дежураат по повик. Пациентите веќе не можат сами да појдат во аптека ноќе и да го купат потребниот лек, туку прво треба да се обратат во Брза помош, и дежурниот лекар да каже каква терапија ќе примат. Оваа новина Фондот за здравство ја воведе на барање на аптеките.

    „Во градовите и другите населени места каде што нема аптека со 24 часовно работно време, дежурствата на аптеките со договор со ФЗОМ се спроведуваат по телефонски повик од лекарскиот тим од здравствената установа, каде се спроведува дежурство. Фармацевтот, фармацевтскиот техничар од дежурната аптека по повикот е должен да издава лекови на рецепт на товар на ФЗОМ во просториите на аптеката согласно законските прописи“, стои во писменото соопштение од Фондот за здравство, упатено до подрачните единици, ординациите на приватните доктори и здравствените домови.

    Оваа промена е во важност од први јануари годинава. Во пракса сите аптеки, кои имаат договор со Фондот за здравствено осигурување и беа дежурни со отворени шалтери, сега ќе бидат на повик. Дежурниот доктор од Брзата помош ќе одлучи каква терапија ќе прима болниот. Ако не е потребна ампуларна терапија, туку некоја друга од итната помош телефонски ќе го повикаат дежурниот аптекар, кој е должен на пациентот да му ја даде пропишаната терапија.

    Аптеките побарале да се дежура на повик поради економски причини, бидејќи итни случаи во ноќните часови има малку.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира