Реновирањето во барок на ТЦЦ „Плаза“ е стопирано бидејќи градилиштето е претворено во депонија и ја блокира улицата.
Комуналните инспектори на Град Скопје неделава издале налог и парична казна за стопирање на три градилишта кои не ги почитувале условите за работа. Покрај ТТЦ „Плаза“ забрана за градење додека не се отстранат неправилностите добиле и објекти на Јужен булевар и во близина на железничката станица. Покрај забраната казнети и со 4.000 евра за непочитување на услови за градба, а 1.000 евра казна добило и одговорното лице.
Улицата кај ТЦЦ „Плаза“ со месеци е блокирана од камиони, градежен шут и земја, а уништени се и дел од барокните канделабри кои ги постави ексградоначалникот Коце Трајановски на плоштадот пред зградата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Покрај инспекциите на градежните инспектори за овие локации стигнуваа поплаки и од граѓаните посочувајќи ги овие градилишта како необезбедени и несоодветни. Исто така изречени се и казни фрлање градежен шут на три физички лица, две физички лица се казнети за палење оган на отворено, додека во рамките на интензивираната контрола на градилиштата едно приватно лице е казнето поради нечисти возила од градилиште односно неизмиени тркала и поставена церада заради контрола на прашината“, велат од Град Скопје.
А. АНТЕВСКА