СПАС ЗА ЦРКВАТА И АНГЕЛИТЕ ОД КУРБИНОВО ДО КРАЈОТ НА 2019

    СПАС ЗА ЦРКВАТА И АНГЕЛИТЕ ОД КУРБИНОВО ДО КРАЈОТ НА 2019Црквата „Св. Ѓорги“од 12 век, која поради уметничката вредност на фрескосликарството е наречена и македонска Мона Лиза, има пукнатини на ѕидовите и оштетени фрески во делот на апсидата каде се наоѓаат и прочуените ангели од Курбиново, меѓу нив и Ангелот на благовестието, кој е и на банкнотата од 50 денари (Фото: СДК.МК)

    Најдоцна до крајот на 2019 се очекува да биде реставрирана и конзервирана црквата „Св. Ѓорги“ во преспанското село Курбиново, најави министерот за култура Роберт Алаѓозовски при денешната посета на еден од најзначајните споменици од културното наследство на земјава. Станува забор за црковен бисер од 12 век, кој поради својата уметничка вредност на фрескосликарството е наречен и македонска Мона Лиза.

    Алаѓозовски рече дека од буџетот се издвоени 2,5 милиони денари, а ако активностите се одвиваат според планираното, сумата ќе достигне 15 милиони денари.

    „Со овие средства во текот на годината ќе се изведат активности за основен проект на архитектурата во завршна фаза, ќе се реализираат и неколку фази од непосредната заштита, и тоа демонтажа на покривот, конструктивно зајакнување, конзервација на ѕидни платна и демонтажа на времениот покрив”, рече министерот.

    Министерот за култура Роберт Алаѓозовски при денешната посета на еден од најзначајните споменици од културното наследство на земјава (Фото: СДК.МК)

    Во изминатите години, за заштита на црквата во Курбиново беа издвоени само милион денари, што беше недоволно. По барање на Министерството за култура, Конзерваторскиот центар од Скопје оформи посебна комисија која спроведе ревизија на досегашните активности за реставрација на црквата.

    „Комисијата констатираше дека во изминатите години се направени одредени истражувања и зафати врз архитектурата и живописот, но резултат се бројните парцијални решенија кои не успеале да ги решат проблемите. Имало и пропусти, па дури и нестручност во реставрацијата на објектот. За среќа, биле парцијални конзерваторски работи и ова не оставило трага, но доколку се продолжело така можни биле трајни штети“, рече Алаѓозовски.

    Имало и пропусти, па дури и нестручност во реставрацијата на објектот. За среќа, биле парцијални конзерваторски работи и ова не оставило трага, но доколку се продолжело така можни биле трајни штети“, рече Алаѓозовски (Фото: СДК.МК)

    Во иднина, за конзервацијата и реставрацијата да бидат извршени најпрофесионално ќе бидат вкличени и меѓународни странски експерти со врвни познавања на византиската фрескотехника. Токму комисија во која ќе учествуваат тие ќе треба да го одобрат и проектот за конзервацијата на живописот во црквата.

    „Сега приоритет ни е реставрација, но во догледно време ќе одиме и кон промоција на културното наследство на овој крај. Наша долгорочна идеја со целиот Преспански Регион е ова еден ден да биде прогласено за културен и природен предел под заштита на УНЕСКО, онака како што е тоа Охридскиот Регион“, рече министерот.

    Во изминатите години, во повеќе наврати се најавуваше дека започнала реставрацијата на терен, но всушност беше потрошено многу време во изготвување на документација. Објектот остана со пукнатини на ѕидовите и оштетени фрески поради голема концентрација на соли застапени во најубавите делови од ѕидното сликарство, во делот на апсидата каде се наоѓаат и прочуените ангели од Курбиново, меѓу нив и Ангелот на благовестието, кој е и на банкнотата од 50 денари.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира