УКРАДЕНИ 1.500 МЕТРИ ЕЛЕКТРИЧЕН КАБЕЛ ОД ЦРКВА ВО ГРАДБА И КАМЕРИ ОД ЏАМИЈА

    УКРАДЕНИ 1.500 МЕТРИ ЕЛЕКТРИЧЕН КАБЕЛ ОД ЦРКВА ВО ГРАДБА И КАМЕРИ ОД ЏАМИЈАКрадците најчесто прават поголема штета со тоа што ги обиваат вратите, ги кршат прозорците и касите отколку што ќе ги земат парите кои се тука оставени; - соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“ во Тетово (Фото: СДК.МК)

    Деновиве, непознати крадци украле околу 1.500 метри електричен кабел од манастирската црква во изградба во гостиварската населба Циглана. Каблите ги извлекле од пластичните црева кои биле вградени во ѕидовите и без никој да ги зебележи, побегнале. Причинетата материјална штета се проценува на околу 72 илјади денари. Ова е само една од вкупно 13 кражби извршени во верските објекти во минатиот и почетокот на овој месец.

    Најмногу на удар на крадците биле православните цркви, а биле ограбени и три џамии. Најчесто се ограбувани селските цркви, а таа во Фалишено била опљачкана дури двапати. На удар се и тетовските цркви, а крадците деновиве провалиле и во соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“. Како и во повеќето вакви кражби, и тука првин со хебли насилно била отворена влезната врата од црквата и од кутијата со доброволни прилози биле одземени околу 5.000 денари.

    Последниве години во кражбите извршени во верските објекти најмногу се одземале пари оставени како доброволни прилози од верниците, за разлика од пред пет години кога главна цел на крадците беа вредни икони и стари црковни предмети со голема уметничка и историска вредност (Фото: СДК.МК)

    „Сите кражби во верските објекти биле извршени со провалување на влезните врати или со кршење прозорски стакла, а парите се замани од кутии во кои верниците оставале доброволни прилози. Вкупната имотна корист со која противправно се стекнале сторителите на овие кражби се проценува на над 40.000 денари, а одземени се и две мали икони од црквата во село Фалише. Но крадците не одземале секогаш пари, при кражбата во манастирската црква во гостиварската населба Циглана тие зеле оклоу 1.500 метри електрични кабли при што направиле материјална штета од околу 72.000 денари, а при кражба во џамија во Тетово крадците одзеле косилка за трава“, вели портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

    Црквите се честа цел на крадците пред сè поради нивната слаба обезбеденост и поради тоа што крадците се надеваат дека ќе најдат пари оставени како доброволни прилози, посебно во овој период кога црквата има повеќе верски празници. При тоа, најчесто штетата што ќе ја направат на објектите е многу поголема од сумата пари што ќе ја одземат.

    „Крадците најчесто прават поголема штета со тоа што ги обиваат вратите, ги кршат прозорците и касите отколку што ќе ги земат парите кои се тука оставени. На овој начин се нанесува штета на божијот храм и на неговото функционирање“, вели отец Александар Стојановски од Тетовското архиерејско намесништво.

    Крадците не ги поштедиле ниту џамиите, но таму провалуваат значително помалку. Можеби една од причините е таа што поголемиот дел од нив имаат инсталирано алармни системи. Но некогаш ни тоа не е доволно за да се спречи кражбата. Деновиве, сред бел ден околу 14 часот, крадци влегле во џамијата во Мала Речица каде не само што украле 3.000 денари од кутијата за доброволни прилози, тука ја откорнале и со себе ја зеле и камерата од системот за обезбедување на објектот. Крадци ја посетиле и Шарена Џамија од каде украле 1.000 денари.

    Од СВР Тетово велат дека досега се расветлени неколку вакви кражби на верски објекти, а за другите сторители се трага. Интересно е, како што велат од полицијата, што последниве години во кражбите извршени во верските објекти најмногу се одземале пари оставени како доброволни прилози од верниците, за разлика од пред пет години кога главна цел на крадците беа вредни икони и стари црковни предмети со голема уметничка и историска вредност.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира