Професорот на музичката академија Живојин Глишиќ ќе ја извршува функцијата уметнички директор на Фолк фест Валандово, што годинава повторно ќе се врати во мај наместо наесен како што беше во изминативе години. Глишиќ заедно со пејачот Ефто Пупиновски, продуцентот Методија Автовски и фолклористот Ѓорги Павлов рекоа дека се нафатиле да бидат нови членови на програмскиот совет на фестивалот, со цел да го вратат сјајот кој во изминативе години поради субвенциите на песните и висината на наградите го загуби квалитетот иако има национално значење.
„Во последните години се почуствува пад на творечкиот опус, бидејќи имаше влијанија поради што авторите кокетираа за да освојат награда. Наградите нема да бидат високи, оти тие го срушија фестивалот. Сакаме како професионалци да ја вратиме довербата кај авторите и со професионална помош и искрен однос да го вратиме сјајот на Фолк фест Валандово“, рече Глишиќ на нашето прашање како ќе ги поттикнат авторите да направат квалитетни песни.
Фестивалот оваа година, како што рече градоначалникот Перо Костадинов, ќе биде на 24 и 25 мај. Првата ќе биде ревијална, втората вечер натпреварувачка, а за побендиците ќе одлучува и публиката. Костадинов истакна дека годинава Фолк фест ќе чини 6 милиони денари, пари кои се обезбедени од општинскиот буџет и од Министерството за култура.
„Ние и тимот од програмскиот совет ќе направиме сè за да месецот мај биде во знакот на Фолк фест Валандово. Ќе работиме на негова промоција и ние планираме овој фестивал да го носиме во другите градови во земајва, но и во други држави за да може Фолк фест живее цела година’’, рече Костадинов кој истакна дека конкурсот за избор на песни е продолжен до 28 февруари.
Уметнички директор на Фолк фест Валандово досега беше Орце Гелевски. Во 2016 овој фестивал не се одржа поради забраната за емитување македонски песни од ЗАМП, додека лани беше одржан пред локалните избори. Трите победничкаи песни делеа по околу 30-на илјади евра кои ги доделуваше Министерството за култура.
В. ТРАЈКОВ