Повторното судење за случајот „Монструм“ почна денеска во Основниот суд Скопје 1 и веднаш беше одложено за 14 март, бидејќи обвинителството не ги споило двете обвиненија за еден од обвинетите. Станува збор за Сами Љута, за кого било поднесено и второ обвинение во текот на постапката.
Судскиот процес, кој го води судијата Огнен Ставрев, утринава почна со читање на обвинителниот акт. Обвинителот Наум Пановски кажа дека остануваат на првичниот обвинителен акт, со кој што обвинетите се товарат за тероризам.
Шестмина обвинети во „Монструм“ беа осудени на доживотен затвор под обвинение за тероризам, но на 24 ноември минатата година Врховниот суд ги уважи жалбите на одбраната за петкратното убиство кај Смилковското Езеро во Скопје на 12 април 2012 година. Првостепената и второстепената пресуда за предметот беа укинати и се враќаат на повторно одлучување во Кривичниот суд.
На доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута. По укинувањето на пресудите, Врховниот суд во декември лани ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот сè уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.