Најмногу за една година индустриските зони кај Штип ќе бидат приклучени на гасоводната мрежа и ќе може овој енергенс да го користат за затоплување на капацитетите и во производството. Веднаш потоа ќе се гасифицираат училиштата и другите институции, кои според проценките сегашните трошоци за загревање ќе ги намалат и до 70 проценти. Мрежата потоа ќе се шири и кон домаќинствата, за што ќе биде изготвен и посебен елаборат, велат од Општина Штип, која пред неколку години основаше посебно Јавно претпријатие за енергетика, во чија надлежност ќе биде и гасификацијата.
„Почнуваме со гасификација на индустриските зони затоа што основната гасоводна мрежа минува покрај нив. На влезот на Штип од страната на Скопје пред железничката станица се наоѓа мерната дистрибутивна станица, од која ќе почне приклучувањето. Ќе се гасифицираат и најблиските приградски населби покрај кои минува основниот гасоводен цевковод за Штип и Неготино“ вели градоначалникот на Штип, Благој Бочварски.
Според него до крајот на годината ќе биде изготвената целокупната документација за отпочнување на процесот за користење на гасот. Во тек се тендерските постапки за јавно приватно партнерство за изнаоѓање на компании кои ќе имаат обврска за брза изградба на дистрибутивната мрежа за индустриските зони, а потоа за училиштата и другите институции.
„Заштедите за сите ќе бидат големи па целата заштеда ќе може да се пренасочува за нови инвестиции. Корист ќе има и стопанството кое со поевтиниот енергенс ќе може да биде поконкурентно на пазарот, а училишатата парите ќе ги пренаменат за подобрување на останатите услови за поквалитетно образование“ вели Бочварски.
Според досегашните проценки во Источна и Централна Македонија гасификацијата ќе чини околу 30 милиони евра, при што ќе бидат опфатени 28 општини. Во Западна Македонија и Пелагонискиот регион ќе бидат опфатени 36 општини. Заедно со гасификацијата на Скопје вкупната инвестиција се проценува на 150 милиони евра.
Т. ЈОВАНОВСКИ