Обвинетата Ивона Талеска не ги почитувала даночните прописи и даночните обврски и во периодот од 2008 до 2013 одбегнувала да плаќа даноци, со што извршила продолжено кривично дело даночно затајување, кажа обвинителката од СЈО Елизабета Јосифовска во воведните зборови на судењето за случајот „Тифани“.
„Преку докази и исказ на сведок ќе докажеме дека обвинетата Ивона Талевска преку нејзините две фирми Смарт Центар ДООЕЛ и Смарт Груп ДООЕЛ со цел да одбегне делумно плаќање даноци во завршните сметки и даночните пријави давала неточни податоци за износот на обврски кои што требало да ги плати. Во двете правни лица Талевска постапувала на речиси ист начин, пријавувала расходи кои не биле направени за вршење на дејноста на правните лица. Односно обвинетата набавувала апарати за домаќинство, мебел, теписи, постелнина, садови, облека, чевли, козметика, опрема за бања, добра и услуги кои не биле користени за целите на правните лица“ рече Јосифоска.
Судијката Софија Лаличиќ го повика претставникот од Државното правобранителство да го каже имотно-правното побарување, по што од Правобранителството рекоа дека уште ги немаат добиено податоците од УЈП.
По ова Лаличиќ рече дека не може да бара изјаснување за вина на обвинетата Талевска додека не се изјасни Државното правобранителство за побарување. На ова реагираа од СЈО оценувајќи го ваквиот однос на Државното правобранителство како несериозен по што судијката Лаличиќ даде пауза од половина час за да се провери дали податоците од УЈП се стигнати до Правобранителството.
А. АНТЕВСКА