Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР во Македонија добила сознанија дека се вршел притисок врз вработените во јавната администрација за да одат на контрапротести, објави денеска Мисијата.
„Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР доби кредибилни наводи за притисок врз вработените во јавниот сектор да учествуваат на контра-демонстрациите, вклучително и закани за прекин на вработувањето, меѓутоа не беа поднесени официјални приговори. Неколку соговорници на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР ова ѝ го припишаа на културата на страв од одмазда која постои во државните претпријатија и институции“, се вели во вториот периодичен извештај на мисијата, за периодот од 20 април до 11 мај, објавен попладнево.
Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР се повикува и на извештаајот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) што ги следи радиодифузерите во текот на изборниот период. Според тој извештај
„приватните радиодифузери Алфа, Канал 5, Канал 5+, Сител и ТВ Нова не ги покривале настаните објективно и непристрасно. Извештајот заклучува дека тие телевизии ги координирале нивните уреднички политики во корист на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.