ОРБАН ГИ ЗАГУБИ ИЗБОРИТЕ ВО КЛУЧНА ОПШТИНА

    ОРБАН ГИ ЗАГУБИ ИЗБОРИТЕ ВО КЛУЧНА ОПШТИНАУнгарскиот премиер Виктор Орбан беше во Охрид на партиска средба со Никола Груевски на 28 септември минатата година. (Фото: СДК.МК)

    Партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан доживеа изненадувачки пораз на вонредните локални избори во една општина на само неколку недели пред парламентарните избори. Орбан, познат по антиимигрантската и популистичка реторика, на изборите на 8 април бара трет последователен мандат.

    Претходно месецов, Орбан ја нарече опозицијата безнадежна, но вчерашната победа на Петер Марки-Жај во клучната општина Ходмежовашархели може да му ги наруши плановите. Марки-Жај, кој беше независен кандидат, но беше поддржан од сите опозициски партии, освои 57,5% од гласовите, додека кандидатот на владејачката партија Фидеш, Золтан Хегедуш освои 41,5% од гласовите.

    Унгарски аналитичари гледаат на изборите во Ходмежовашархели, мал град во јужна Унгарија, како предвесник на гласачкото расположение во земјата. Резултатот беше шокирачки за поддржувачите на Фидеш, посебно што Ходмежовашархели е дом на клучниот сојузник на Орбан Јанош Лазар. На претходните локални избори во 2014 година, Фидеш победи со 61% од гласовите.

    Сепак, Фидеш во анкетите за парламентарните избори има поддршка од околу 50%, но можно е да го загуби двотретинското мнозинство освоено пред четири години.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира