Врнежите на снег ќе траат до четврток до кога земјава ќе биде под влијание на ладен бран и температури до минус 10 степени. Затоплување се очекува од петок кога температурите ќе бидат над нулата, велат од Управата за хидрометеоролошки работи.
„Денеска и во наредните три дена времето ќе биде променливо облачно и студено со температури под нулата. Најстудено ќе биде во четврток кога утринската температура ќе достигне до минус 10 степени. Поинтензивни врнежи на снег ќе има во западните и крајните источни делови на земјата“, велат од Хидрометеоролошкиот завод.
Од петок следи затоплување со врнежи од дожд а температурите ќе бидат од 1 до 6 степени. За време на викендот температурите ќе бидат во пораст односно до 11 степени, а времето ќе биде облачно со локални врнежи од дожд.
Најголема снежна покривка денес е измерена во Маврово 78 сантиметри, во Лазарополе 53, Крушево 44, Дебар и Тетово 20 а во Дојран и Претор 17 сантиметри. Во Битола се измерени 16 сантиметри снежна покривка, Скопје 15, Гевгелија 14, Струмица 12 а во останатите градови под 10 сантиметри.