Полицајката која беше нападната од функционерот на ДУИ Беќир Асани вчера кога Пајак службата му го кревала непрописно паркираното возило, вели дека имала само вербална расправија и сама се удрила во возилото на Пајак службата.
„Во текот на вршењето на редовна контрола забележав неколку возила кои се непрописно паркирани. Според процедурата, возилата ги фотографиравме, и започнавме со нивно подигање. Во тој момент пристапи едно непознато лице за кое подоцна разбрав дека станува збор за Б.А., и почна да вика. Веднаш повикав засилување и дојдоа поголем број полициски службеници“, одговорила Јасмина Јаначковска на прашањето од министерот Спасовски дали имало каков било физички контакт и зошто полициската службеничка побарала медицинска помош.
Како што соопшти МВР, Јаначковска му објаснила на министерот дека со лицето Б.А. имала само вербална расправија, меѓутоа при повлекување од местото на настанот таа се удрила со левата рака во специјалното возило „пајак“, но не се здобила со посериозна повреда, што било констатирано и при лекарскиот преглед во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.