СЕКОЈА ОД ВАС Е ЧЕЛИЧНА ЛЕДИ – ЗАЕВ ЈА ЦИТИРАШЕ МАРГАРЕТ ТАЧЕР НА ОСМОМАРТОВСКИОТ МАРШ ВО КУМАНОВО

    СЕКОЈА ОД ВАС Е ЧЕЛИЧНА ЛЕДИ – ЗАЕВ ЈА ЦИТИРАШЕ МАРГАРЕТ ТАЧЕР НА ОСМОМАРТОВСКИОТ МАРШ ВО КУМАНОВОЖена го прегрнува премиерот Зоран Заев на осмомартовскиот марш во Куманово, организиран од Форумот на жените на СДСМ. (Фото: СДК.МК)

    „Секоја од вас е Челична леди“ кажа лидерот на СДСМ Зоран Заев на денешниот осмомартовски марш под мотото: „Заедно можеме! Со љубов за Македонија!“, кој го организираше Форумот на жени на СДСМ, а се одржа во Куманово.

    „Секогаш кога зборувам за правата на жените се потсетувам на една многу реална и инспиративна констатација на познатата британска премиерка Маргарет Тачер, позната по прекарот Челичната леди, која вели: ’Секоја жена која ги разбира проблемите на водење на домаќинството, подобро ќе ги разбере проблемите на водење на државата‘. Секоја од вас е Челичната леди, бидејќи многу нешта постигнавме заедно и бидејќи битките никогаш не завршуваат. Бевме борци за вистина и правда, продолжуваме како борци за права и вредности“, изјави Заев.

    Тој рече дека системските пропусти низ годините и предрасудите оставиле многу жени без општествен ангажман или ги ставиле во потчинета улога во семејството, па затоа повика сите заедно, мажите и жените, да се изборат за вистинско место на жената во општеството.

    „Затоа сум овде предводник на овој марш како претседател на владејачката партија како премиер на сите граѓани, давам поддршка, ве охрабрувам, ве поттикнувам, направете место за жената во општеството. Како поединци, како државни институции, како општини, активирајте се и покренете ги сите потребни процеси, одлуки, промени на закони, јавната свест, жените да ги добијат правата што им следуваат по Устав и закон и согласно демократските европски и светски стандарди“, рече Заев од говорницата во Куманово.

    На традиционалниот осмомартовски марш се вклучија неколку илјади жени од целата држава. Пред присутните се обрати и потпретседателката Радмила Шекеринска, секретарот Кирацовски и претседателката на форумот на жени Цветанка Ласкова.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира