ЈАНЕ ГО ГЛЕДАШЕ ЈУНАЈТЕД СО АМБАСАДОРОТ ГАРЕТ ПРЕД ПАТУВАЊЕТО ВО МАНЧЕСТЕР НА ПОКАНА НА ПОГБА

    ЈАНЕ ГО ГЛЕДАШЕ ЈУНАЈТЕД СО АМБАСАДОРОТ ГАРЕТ ПРЕД ПАТУВАЊЕТО ВО МАНЧЕСТЕР НА ПОКАНА НА ПОГБААмбасадорот Гарет се дружеше со Јане пред неговото заминување во Манчестер каде по покана на Пол Погба ќе го гледа натпреварот меѓу Манчестер Јунајтед и Севилја во Лигата на шампиони. (Фото: М. Златевска)

    Британскиот амбасадор Чарлс Гарет вечерва со Јане го гледаше фудбалскиот натпревар меѓу Манчестер Јунајтед и Кристал Палас во кафуле во Скопје.

    Амбасадорот Гарет се дружеше со Јане, кој боледува од ретката болест спинална мускулна атрофија, пред неговото заминување во Манчестер каде по покана на Пол Погба ќе го гледа натпреварот меѓу Манчестер Јунајтед и Севилја во Лигата на шампиони. Амбасадорот му донесе на Јане подарокот капа од Олимписките игри во Лондон во 2012 година.

    Јане му раскажа на амбасадорот кои се неговите омилени фудбалски клубови и фудбалери. Му раскажа дека секој ден со другарите игра фудбал во школскиот двор и кога ќе прооди ќе биде фудбалер и ќе игра на позиција лево криво. Потоа Јане го праша амбасадор кој е неговиот омилен фудбалски клуб.

    Амбасадорот му донесе на Јане подарокот капа од Олимписките игри во Лондон во 2012 година.(Фото:М.Златевска)

    „Јас сум од Лондон и навивам за Арсенал“, рече Гарет и потоа заеднички го следеа натпреварот на Јунајтед.

    Семејството Велковски утре заминува за Париз, а од таму патуваат за Манчестер.

    „Најпрво утре одиме во клиника во Париз каде на Јане треба да му бидат продолжени имплантите, кои му се поставени во рбетниот столб и треба да го следат неговиот раст. Од таму летаме за Манчестер, каде ќе бидеме гости на Погба и на Јане ќе му се оставари желбата да гледа во живо натпревар во Лигата на шампиони“, ни рекоа родителите на Јане.

    Јане кој поради болеста е врзан во количка е дел од кампањата на УЕФА „Еднаквост на терен“ и е еден од лицата кои беа дел од спотот кој го обиколи светот. Јане доби понуда да биде дел од кампањата откако во август, за време на Супер купот кој се одржа во Скопје на арената „Филип Втори“, луѓето од УЕФА ги запознаа Јане и неговата љубов кон фудбалот.

    Јане му испрати порака на Погба дека е многу среќен што наскоро ќе се видат (Фото:М.Златевска)

    Откако спотот беше објавен голем број фудбалски ѕвезди испратија пораки и поддршка за Јане, а играчот на Манчестер Јунајтет веднаш му испрати дрес со негов потпис и го покани да биде негов гостин на осминафиналниот натпревар од Лигата на шампиони меѓу Јунајтед и Севилја.

    Премиерот Зоран Заев кој на 3 јануари го покани Јане во неговиот кабинет му вети дека ќе го добие лекот спинраза која треба да му помогне да прооди.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира