Сведок во случајот на СЈО „Тендери“ тврди дека обвинетата Елизабета Канческа – Милевска како министерка за култура во 2011 година му кажала градежната компанија „Бетон Штип“ АД Штип чиј што генерален директор бил тој, да ги изведе сите градежни работи пред Музејот на ВМРО и да не го чека тендерот, бидејќи средила да го добие токму оваа компанија.
На ова признание на сведокот Илија Бреслиски, кој бил генерален директор на ГТД „Бетон Штип“ АД Штип, поткрепено и со разговори на Канческа – Милеска во бомбите, базира обвинението на СЈО против неа, што обвинителот Стевчо Донев денеска го образложи во воведен збор на судењето кое и почна во Кривичниот суд.
Канческа – Милеска, која избегна притвор, но е без пасош повеќе месеци, рече дека не се чувствува виновна. Нејзиниот адвокат, пак, рече дека според него тука немало ни спор, заради што не требало ни судски процес воопшто да почнува, бидејќи нема никаква материјална штета врз буџетот од страна на неговата клиентка.
За надворешните градежни активности пред музејот, тврди обвинителот Донев, тогашната министерка му кажала на сведокот ГТД „Бетон Штип“ АД Штип да ги изведе сите работи што произлегувале дополнително и кои што не биле опфатени во претходниот договор за јавна набавка и во анексите. Му кажала да не се чека 20-тина дена за новиот тендер. Му рекла и дека таа преку кообвинетата Лидија Лазарова – Цветковска веќе договорила по објавувањето на огласот, Комисијата за јавни набавки да одлучи договорот да биде доделен на ГТД „Бетон Штип“ АД Штип.
Кривичното дело се случило од јуни до август 2005 година. Бетон Штип си градел, тендерот бил склучен дури на 5. август 2011 година, кога оваа компанија „победила“. Патем, СЈО ја гони Канческа – Милеска и за фаворизирање на оваа компанија, што е кривично дело.
Про-форма договорот за јавна набавка со Бетон Штип изнесувал 62.480.543 денари, а го потпишала тогашната министерка за култура Канческа – Милевска, со што сторила кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување. Судењето ќе продолжи на 13 април со преслушување на пет бомби кај што се слуша како го тера сведокот да гради, да не го чека тендерот, оти е сигурен добитник.
С. К. ДЕЛЕВСКА