ОСТАНУВАМЕ НА МАСАТА ЗА ПРЕГОВОРИ ЗА РЕФОРМСКИТЕ ЗАКОНИ, КАЖА МИЦКОСКИ ПО ИНЦИДЕНТОТ ВО СОБРАНИЕТО

    ОСТАНУВАМЕ НА МАСАТА ЗА ПРЕГОВОРИ ЗА РЕФОРМСКИТЕ ЗАКОНИ, КАЖА МИЦКОСКИ ПО ИНЦИДЕНТОТ ВО СОБРАНИЕТО„Некој со ова сценарио сакаше да го избрка ВМРО-ДПМНЕ од масата“, изјави Христијан Мицкоски (Фото: СДК.МК)

    Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека нема да ја напуштат масата за преговори за реформските закони, одговарајќи на новинарско прашање дали партијата ќе учествува во работата на Собранието и во преговорите за реформски закони на прес-конференцијата по денешниот инцидент во Собранието при донесување на Законот за употреба на јазиците.

    „Многу пати сме кажале дека има два услова ВМРО-ДПМНЕ да се врати во Собранието, а тоа се политички и математички. ВМРО-ДПМНЕ нема да ја напушти масата за преговори за таканаречените реформски закони. Некој со ова сценарио сакаше ВМРО-ДПМНЕ да го избрка од масата и ние тоа нема да го дозволиме тоа и нема да направиме ништо што е спротивно на интересите на Република Македонија“, рече Мицкоски.

    Мицкоски најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против Талат Џафери за кршење на Уставот и на законите, а ќе поднесе и иницијатива до Уставниот суд за да се произнесе за уставноста за Законо за употреба на јазиците.

    Собранието денеска го изгласа Законот за употреба на јазиците со 64 гласа „за“ без да ги разгледа илјадниците амандмани на ВМРО-ДПМНЕ. Веднаш по гласањето, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ застанаа пред претседателот на Собранието Талат Џафери, а Никола Груевски се качи на подиумот кај спикерот и пробуваше да му ја извади картичката за гласање на Џафери, но не успеа, бидејќи пред него застана собраниското обезбедување.

    Претходно, Груевски го испрска со вода претседателот на Собранието Талат Џафери, па му ја извади картичката за гласање, по што Џафери даде пауза и стана да си оди, но беше запрен од поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, при што дојде до турканица меѓу нив двајца. Собраниското обезбедување интервенираше и ги раздели пред да дојде до тепачка.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира