Лековите од позитивната листа, кои се на товар на Фондот за здравствено осигурување, добија нови референтни цени. Одлуката за менување на референтните цени на лековите Управниот одбор на ФЗОМ ја донел на 31 јануари годинава, а по добиената согласност од Министерството за здравство објавена е завчера во службен весник. Со оваа одлука намалени се референтните цени на над 300 лекови од болничката листа, но и од листата на лекови што граѓаните со рецепт ги подигаат од аптека.
Разликата пак меѓу максималните цени на лековите и референтните, односно цената што ја плаќа ФЗОМ, ја доплаќаат граѓаните. Со намалување на референтните цени на лековите, практично се зголемува и доплатата што ја плаќаат граѓаните.
Меѓу лековите кои имаат нова референтна цена се таблетите лориста, за намалување на крвниот притисок, потоа антибиотикот зинат, капсулите урсофалк кои се даваат на пациенти за топење на камен во жолчката.
Новата референтна цена на сирупот „зинат“ е 147 денари, а максималната цена според регистарот на лекови објавен од Агенцијата за лекови и медицински помагала е 240 денари. Разликата меѓу референтната и максималната цена ја плаќаат граѓаните преку партиципацијата и доплатата. Новата референтна цена на „урсофалк“ капсулите во пакување од 59 таблети е 698 денари, а максималната цена е 1.117 денари.
Министерот за здравство Венко Филипче за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека со намалување на цената на лековите нема да се зголеми сумата на пари што граѓаните ја плаќаат како доплата, бидејќи паралелно со намалување на референтните цени на лековите, ќе ги намалат и максималните цени.
„Законски два пати годишно ги ревидираме цените на лековите. Ги намаливме цените на лековите и направивме големи заштеди. Точно дека се намалени референтните цени, но нема да се удри по џебот на граѓаните, бидејќи ги намаливме и максималните цени на лековите и утре и тоа ќе го објавиме. При намалување на цените на лековите строго е внимавано да нема голема разлика и да не се зголеми доплатата“, вели Филипче.
Тој кажа дека ревидирани се цените на 180 оригинаторни лекови и на 370 генерички лекови.
Е. БОЧВАРОСКА