Фреската „Сутјеска“, монументално дело на Борко Лазески насликано на 12,5 метри квадратни, се наоѓа во велешката касарна. Тоа е скриено од очите на јавноста, подзаборавено , но одлично сочувано и згрижено. Се наоѓа на ѕидот од Спомен собата од НОБ во касарна „Алексо Демниевски Бауман“. Фреската е со мотиви на партизанска борба, а авторот ја создал во 1971.
„Фреската ’Сутјеска’ е со мотив на јуриш на партизаните врз непријателот. При работата применета е посткубистичка градба на формите, со извесни експресионистички и футуристички моменти. Фигурите и формите се предадени со видлива упростеност, со здржан и претежно ладен колорит. Иако тоа е тематски ангажирано дело, се чувствува едно помодерно преставување во ликовната форма на тема од НОВ. Ова е значајно дело од монументалното сликарство на Лазески“, вели Елица Николова, историчар на уметноста и виш кустос при Народниот музеј од Велес.
Фреската е со димензии пет на два и пол метри , а може да го видат гостите во овој воен објект, каде се одржуваат приеми и разни свечености по повод значајни датуми од воената историја на касарната.
„Многу важно за градот, за велешани, за културата, е што ја имаме оваа фреска која заедно со мозаикот на Петар Мазев во Спомен костурницата се единствени од овој тип во Велес и непроценливо богатство, тоа се монументални дела. Тие се гордоста на градот, аманет за идните поколенија. Но за жал, поради карактерот на објектот, кој е воен, каде е сместена фреската, ограничен е пристапот до неа за поголем број лица, ликовни и сликарски познавачи, но и за обичните граѓани“, вели Николова.
Во периодот на 1970-те Лазески создал фрески со теми од НОВ, а прва во низата е создадена во Домот на АРМ, кој е во кругот на касарната во Велес. И додека на сите документи стои дека е нацртана 1972, авторот при создавањето на неговото дело се потпишал дека е нацртана една година порано 1971. За разлика од „Сутјеска“ која не е во музејска зграда, неговите други дела се достапни за јавноста. Две фрески се наоѓаат и во Музејот на НОВ за Западна Македонија во Кичево, а последната изработена од Лазески е во родниот Прилеп, во Музејот „11-ти Октомври“ .
П. ПЕЧКОВ