СТОТИЦИ ИЛЈАДИ ЛУЃЕ НИЗ ЦЕЛИОТ СВЕТ ДЕНЕСКА ИЗЛЕГУВААТ НА ИСТОРИСКИ МАРШ ПРОТИВ ОРУЖЈЕТО

    СТОТИЦИ ИЛЈАДИ ЛУЃЕ НИЗ ЦЕЛИОТ СВЕТ ДЕНЕСКА ИЗЛЕГУВААТ НА ИСТОРИСКИ МАРШ ПРОТИВ ОРУЖЈЕТО„Марш за нашите животи“ ќе се одржи на повеќе од 700 локации во САД, како и во 37 држави низ целиот свет (Фото: УПИ)

    Стотици илјади луѓе се очекува да се приклучат на денешниот историски марш во Вашингтон за поголема контрола врз оружјето, додека повиците за реформа ја достигнуваат својата кулминација по последното масовно пукање во средното училиште во Паркленд, на Флорида.

    „Марш за нашите животи“, предводен од млади луѓе, ќе се одржи на 800 локации низ целиот свет, вклучувајќи Лондон, Сиднеј, Токио и Мумбај, како и во стотици градови низ САД, при што од Конгресот ќе се побараат законски измени.

    Џорџ Клуни, Стивен Спилберг и Опра Винфри го поддржаа протестот со по 500.000 долари, а своето присуство го најавија и Џастин Тимберлејк, Мајли Сајрус, Аријана Гранде и други познати личности.

    Маршот организиран од преживеаните ученици од пукањето во Паркленд на 14 февруари, кога беа убиени 17 лица, претставува пресвртна точка во неколкудецениската дебата околу контролата врз оружјето во САД. Сите говорници на протестот ќе бидат тинејџери, за да се потенцира фрустрацијата на младите активисти, кои велат дека смртта на нивните соученици ги натерала да ги преземат работите во свои раце, бидејќи возрасните ги изневериле.

    Доналд Трамп, кој во меѓувреме го промени своето мислење околу мерките за поголема контрола врз оружјето, го напушти Вашингтон и замина во своето омилено одморалиште на Флорида.

    Во САД се планирани околу 700 собири, а протести ќе се одржат и во 37 други држави низ целиот свет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира