До 5 април сите диви тезги на тротоарите околу Бит пазар треба да бидат отстранети. Град Скопје и Општина Чаир им дадоа рок на дивите продавачи сами да ги тргнат картонски кутии, во спротивно тоа ќе го сторат надлежните институции.
Акцијата Град Скопје и Општина Чаир ја спроведуваат со цел да се ослободат тротоарите за пешаците кои сега се блокирани од сите страни од диви продавачи.
„Имаме разбирање за трговците кои работат на овие нелегално поставени тезги, вложуваат многу труд за да заработат за основните средства за живот. Затоа, во соработка со Скопски пазар обезбедивме на овие луѓе да им бидат понудени на користење тезги во рамките на пазарот под поволни услови. Овие лица треба да склучат договор најдоцна до 5 април. Наша цел е заедно да изградиме еден партнерски однос при што никој нема да биде оштетен, ни трговците ни учесниците во сообраќајот и пешаците“, рече Ваљон Салиху портпарол на Град Скопје.
Град Скопје и Општина Чаир по расчистување на просторот од дивите тезги, најавија дислокација на такси станицата, уредување на зелени површини, нови дрвореди и поставување на заштитни столпчиња на тротоарите од двете страни на булеварот.
А. АНТЕВСКА