Рускиот амбасадор во Скопје Олег Шчербак вели дека можното влегување на Македонија во НАТО ќе биде погрешна одлука од повеќе аспекти.
„Влегувањето во НАТО ќе го ограничи суверенитетот на Македонија и не е никаква гаранција за просперитетот и за територијалниот интегритет на државата, ниту ќе добие нешто од безбедносен аспект, а ќе мора да учествува во сите антируски акции. Ако НАТО изврши агресија врз Русија, во тој случај, и Македонија ќе биде изложена на возвратен удар. Македонија е опкружена со земји-членки на НАТО, па кој би можел да ја нападне, самото НАТО или вонземјани, можеби?“, изјави Шчербак на денешната прес-конференција.
Тој најави дека Русија во скоро време ќе одговори на одлуката на македонските власти за протерување на еден руски дипломат, но рече дека нема да избрзува, како што направила Македонија
Тој не прецизираше дали и какви дипломатски и економски последици по Македонија ќе има овој, како што го нарече, непријателски чекор.
„Ќе вратиме со одговор во скоро време и тој ќе биде адекватен, но и добро промислен од сите страни. Русија внимателно ќе ги проанализира сите можни последици од овој чекор и наскоро ќе го дознаете нашиот одговор“, изјави Шчербак.
Македонија се солидаризираше со голем број земји, меѓу кои и САД, и објави дека ќе протера еден руски дипломат, како реакција на наводното учество на Русија во атентатот врз поранешниот шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка, кои беа отруени со нервен гас во англискиот град Салисбери.
„Станува збор за политичка нарачка да се обезбеди учеството на Македонија во оваа колективна акција на земјите-членки на НАТО и Европска Унија. Сепак, македонската страна досега не поднесе ниту еден доказ или потврда дека нашиот дипломат се занимавал со активности што излегуваат од рамките на дипломатскиот статус. За разлика од некои други земји, Русија на никаков начин не се меша во внатрешните работи на Македонија. Ние длабоко жалиме за оваа неоснована одлука, која претставува преседан во билатералните односи помеѓу Македонија и Русија. Ние сме свесни дека таа е донесена под влијание на НАТО, но тоа не ја ослободува македонската власт од одговорност. Ова е избрзана и кусогледа одлука, која е спротивна на официјалните ставови на Македонија за развој на односите со Русија“, кажа Шчербак.
Од денеска, во просториите на руската амбасада е отворена книга на жалост во чест на жртвите на неодамнешниот катастрофален пожар во Кемерово, во кој загинаа 64 луѓе, од 41 дете. Шчербак се заблагодари за солидарноста што ја покажаа македонските граѓани со рускиот народ и со семејствата на настраданите.
Г. КОНЕВ