На Oхридскиот кеј, неколку метри од Холандскиот парк, Езерото донесе големи количини на ѓубре. Комуналците неколку дена го чистат со механизација, но во водата уште има пластични шишиња, картонска амбалажа, лименки и друг комунален отпад.
“Во ова време, на пролет, Езерото збеснува и создава големи бранови, посебно кога водостојот е висок. Тогаш јужниот ветер носи ѓубре од кај Албанија, а стрмецот од кај реката Сатеска, која се влева во езерото на источното охридско крајбрежје. Отпадот се собира на просторот на Мазија, сега попозната како холандски парк”, кажува познат охридски риболовец кој на овој дел лови крапови со децении.
“Јас не знам од каде доаѓа тоа ѓубре, но знам дека големи загадувачи на езерото се реката Сатеска и некои реки во соседна Албанија. Во време кога имаме висок водостој и силни бранови голем дел од отпадот се складира токму на овој дел од крајбрежјето. Тоа е така со години”, вели Љупчо Грданоски, директор на “Охридски Комуналец”.
Холандскиот парк е место каде што има спомен обележје на познатиот холандски писател Ден Долард кој со својата книга “Свадбата на седумте цигани” го промовира Охрид пред Втората светска војна.
Д. ЧУБРИЌ