Газдата на новото кафуле на улицата Мирослав Крлежа во Дебар Маало, со столпчиња ја заградил улицата која минува пред објектот. Покрај што е заградена улицата деновиве почна да се поставува и тенда за летната тераса на кафулето на местото каде порано се наоѓаше ресторанот „Мечос“, која го зафаќа целиот тротоар наменет за пешаци.
Жителите на околните згради велат дека не им е јасно како е можно сопственикот на кафулето да добие дозвола да ја загради улицата и целата пешачка патека.
„Од мината недела почнаа градежни активности за реновирање на објектот. Покрај тоа што има летна тераса од предниот дел на кафулето кое излегува на улицата Ленинова, сега се прави и тераса одзади. Ај што ја зафатија цела пешачка патека, туку со столпчињата ја заградија улицата, за да си постават на неа маси и столици. Сега на улицата е хаос, нема кај да застанат возилата за дотур на стока ниту има место за пешаци“, вели А. М. станар на една од зградите на улица Мирослав Крлежа.
Градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ вели дека се запознаени со овој проблем и на сопственикот му е даден рок од седум дена да ја отстрани тендата од пешачката патека и столпчињата.
„Ниту за летната тераса ниту за столпчињата со која е заградена улицата сопственикот на кафулетото нема дозвола. Доколку не го почитува рокот кој му го дадовме за отстранување тогаш ние ќе интервенираме“, вели Богадновиќ.
Богдановиќ пред две недели им даде рок на сите кафеанџии да ги достават до Општината дозволите за поставување на тераси. Оние кои нема да го сторат тоа, како и оние кои немаат дозвола или терасите им зафаќаат поголем дел од јавните површини ќе бидат урнати и нема да добијат дозвола за поставување на тераса во наредните 6 месеци.
“Досега утврдени се неправилности кај десетина кафулиња. И ним како и на објектот на улицата Мирослав Крлежа им дадовме рок до Велигден да ги отстранат дивите тераси, во спротивно ќе интервенира Општината а трошоците ќе ги платат сопствениците“, додава Богдановиќ.
А. АНТЕВСКА