Граѓански собир против урбанистичката мафија и за подигање на екосвеста е закажан за утре во 17 часот во Кавадарци, а организатор е Иницијативата за спас на Градскиот парк. Собирот ќе се одржи пред општинската зграда на плоштадот и ќе продолжи кон Градскиот парк, пред просторот што се претвори во градежна зона.
Активистите бараат градоначалникот Митко Јанчев да го смени Деталниот урбанистички план (ДУП), според кој еден од најстарите паркови во земјава ќе биде нападнат од десетина блокови згради и трговски центар што треба да се изградат околу тој простор.
„Нашата иницијатива наиде на разбирање кај новиот градоначалник кој ја наследи оваа ситуација и проблемите во паркот. Вчера разговаравме со него и бевме заеднички во увид на лице место. Се договоривме утре пред да одиме во паркот, во големата сала во Општината да ни бидат презентирани Генералниот план донесен 2003 и Деталниот донесен 2013 година“, велат од Иницијативата за спас на паркот.
С. ДАРУДОВА