ОБВИНИТЕЛСТВОТО ИСТРАЖУВА ДАЛИ СЕ БАРА МИТО ЗА ПОСВОЈУВАЊЕ ДЕЦА, ПОТВРДИ ЦАРОВСКА

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ИСТРАЖУВА ДАЛИ СЕ БАРА МИТО ЗА ПОСВОЈУВАЊЕ ДЕЦА, ПОТВРДИ ЦАРОВСКА„Во извештајот на Народниот правобранител се наведува оваа тема околу посвојувањето, но во него не се наведени докази“, вели министерката за труд и социјална политика Мила Царовска (Фото: МТСП)

    Основното јавно обвинителство повело истрага по допрен глас дали службеници од Министерството за труд и социјална политика барале пари во процесот на посвојување деца, потврди денес министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

    „Не би коментирала истрага што ја води ОЈО. Сите информации што се побарани од нас и со кои располагаме ги даваме затоа што намерата ни е да имаме правна држава, во која сите се чувствуваме безбедно и сигурно. Ако е ова така и се докаже, очекувам сите што биле вклучени во таков процес да одговараат“, вели Мила Царовска.

    Народниот правобранител Иџет Мемети минатата недела при промоција на годишниот извештај за остварување на граѓанските права, кажа дека по сопствена инцијатива отвориле истрага за децата штитеници во домовите за згрижување под капата на Министерството за труд и социјална политика.

    „Народниот правобранител по сопствена иницијатива отвори истрага да ја следи судбината на децата штитеници кои се пораѓаат и абортираат на Клиниката на гинекологија, каде одат тие деца по ова и дали системот на посвојување функционира како што е напишан на хартија“, кажа Мемети.

    Тој рече дека уште во 2013 година ги алармирале надлежните и јавноста дека системот за заштита на овие деца, кои се одземени од родителите и сместени во домови, не функционира и дека тие деца се оставени на милост и немилост.

    Царовска вели дека во извештајот на Народниот правобранител се наведува оваа тема околу посвојувањето, но дека во него не се наведени докази.

    „ОЈО по допрен глас може да отвори истрага и ако отвори ќе соработуваме. Министерството не е истражен орган и очекуваме надлежните институции да си ја завршат работата. Секое сомнение или јавно искажан збор дека некаде има трговија со луѓе, деца треба да се истражи. Отворени сме за соработка и со МВР и со Обвинителството и со сите надлежни“, вели Царовска.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира