ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ДИМИТРИЕВСКИ САКА ДА ПОДИГНЕ СПОМЕНИК НА АМЕРИКАНСКАТА КОМПАНИЈА ШТО ГИ НОСИ КУМАНОВЦИ ВО ИРАК И АВГАНИСТАН

    ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ДИМИТРИЕВСКИ САКА ДА ПОДИГНЕ СПОМЕНИК НА АМЕРИКАНСКАТА КОМПАНИЈА ШТО ГИ НОСИ КУМАНОВЦИ ВО ИРАК И АВГАНИСТАНГрадоначалникот Максим Димитриевски својот предлог ќе го достави пред советниците на една од наредните седници. - Димитриевски на седница на Советот на Општина Куманово (Фото: Фејсбук/Општина Куманово)

    Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски планира да подигне споменик на американската компанија „Келог, Браун и Рут“ (КБР), затоа што дала најголем придонес за развој на градот и последната деценија на кумановци кои работеа во Ирак и Авганистан им исплатила над 1 милијарда евра.

    Споменикот би се поставил догодина во паркот кај затворениот базен, на 500-годишнината од создавањето на Куманово.

    „Американската компанија КБР има инкасирано во градскиот буџет повеќе од една милијарда евра, како најголем работодавач. Општината нема поголем партнер од таа компанија. Знаете дека има голем број на наши сограѓани кои работат за таа компанија и сметам дека во предвечерието на 500 години постоење на Куманово, нашиот град може да излезе со еден добар позитивен гест и да постави спомен обележје во рамки на едно убаво идејно решение“,  изјави Димитриевски на денешната седница на Совет.

    Градоначалникот својот предлог ќе го достави пред советниците на една од наредните седници.

    Во изминатите петнаесетина година за компанијата КБР работеле над 10.000 кумановци, кои беа распоредени во базите на американската војска во Ирак, Авганистан, Џибути, Кувајт и др. И градоначалникот Димитриевски во 2008 година беше на работа во американска база во Ирак преку КБР.

    Кумановци најчесто беа ангажирани за занаетските работи како општи работници, столари, електричари, водоводџии, шофери, готвачи, но имаше и вработени во службите на администрацијата и ИТ секторот. Платите на вработените се движеа од 2 до 10.000 долари месечно. По враќањето голем дел од граѓаните ги решија своите егзистенцијални проблеми, купија куќи, станови, деловни објекти, автомобили, започнаа сопствени бизниси. Градот живееше од печалбарските пари. Повеќето откако ги потрошија парите, пак се вратија во базите. Работата во Ирак и Авганистан и сега актуелна, откако КБР повторно почна да регрутира работници за американските бази.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира