Бобан Илиќ од Куманово, кој го прегази 4-годишниот Алмир Алиу, е осуден на 6 години затвор за сторено кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Кривичниот совет во Основниот суд Куманово ги прогласи за виновни и ги осуди на 6 месеци затвор и таткото на детето Седат Алиу, а на по 9 месеци Сами Демири и Абдула Алиу за сторено кривично дело насилство.
Во казната на Бобан Илиќ му се пресметува и времето поминати во притвор од 25 јуни 2016 до 15 март 2018. На изрекувањето на пресудата не присуствуваше ниту еден од осудените, а право на жалба имаа во рок од 15 дена.
Од семејството Алиу рекоа дека не се задоволни од пресудата и ќе поднесат жалба, а против обвинителката и судечката судијка најавија кривична пријава.
„Очигледно е дека се работи за неправда. Ние како фамилија ќе поднесеме кривична пријава против обвинителката Сузана Кусигерска и против судијката Маја Денковска“, изјави Нијази Алиу, дедо на Алмир.
Адвокатот на семејството смета дека станува збор за монтиран случај, уште еден во низата во македонското судство.
„Навистина е засрамувачки казна од 6 години за такво сериозно дело. Иако сите нè убедуваа дека согласно законот за кривична постапка и кривичниот законик казната е овде предвидена од 4 до 20 години, видовме дека судот не ги зема отежителните околности, а тоа е губиток на невино дете, па дури и се дрзна да ги осуди таткото, чичкото и братучедот на Алмир. Ова е уште еден во низата монтирани случаи, на почетокот Јавното обвинителство Куманово, па продолжи со денешната пресуда и Судот во Куманово“, изјави Асмир Алиспаиќ, адвокат.
Тој очекувал повисока казна, но се надева дека по жалбата во Апелациониот суд процесот ќе се врати на почеток.
И бранителот на Бобан Илиќ не е задоволен од пресудата и најави дека ќе ја обжали, бидејќи немало вина кај неговиот клиент и очекувал ослободителна пресуда.
Прегазувањето на Алмир Алиу се случи на 25 јуни 2016 година, по банална расправија на семејствата Илиќ и Алиу пред Здравствениот дом во Куманово.
Првообвинетиот Бобан Илиќ, прво беше обвинет за убиство, а потоа делото беше преквалификувано во тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Судскиот процес беше по постојани тензии, а беа организирани и протести пред судот во Куманово и во Скопје. Поради преквалификацијата на делото, оставка си поднесе министерот за правда Билен Саљији.
С. НИКОЛИЌ