1. Македонија е земја во која на најдрастичен начин се кршат човековите права на Швеѓаните. Финката од шведско потекло, госпоѓата Елизабет Рен мораше да ја напушти земјата вознемирена и разочарана. Кој знае дали ќе ни дојде пак? Особено што сиромашката живее само од пензијата, а кај нас доаѓа од љубов кон Швеѓаните. Еднаш има изјавено дека најмногу љуби да оди таму каде што не ја сакаат. Така што, ако не сакаме да ни дојде повторно, ќе мора да почнеме да ја фалиме. Ако продолжиме да ја критикуваме, секој ден ќе ни доаѓа.
2. Нашите Швеѓани, иако се многу повеќе од потребните 6 отсто на Елизабет Рен, живеат многу полошо отколку во нивната матична татковина. Тие не се дури ни граѓани од втор ред во оваа држава. Тие се граѓани од преку ред. За да се задоволи националната квота преку ред ги запишуваат во средно училиште. Преку ред, без разлика на резултатите од приемните испити и успехот од претходното школување, ги запишуваат на факултет. Потоа кога ќе завршат преку ред, ги вработуваат во државните институции, полицијата, војската, ги испраќаат за амбасадори… Кога ќе бидат незадоволни, тие ќе протестираат и Владата преку ред ќе донесе закон за нив.
Во таква ситуација, меѓу Финците секогаш ќе се најдат нови амбициозни момчиња и девојки, кандидати за партиските листи на идните избори кои ќе ја поправат ситуацијата преку ред. Ќе се прогласат за уставобранители. Ама, бидејќи се од Скандинавија, не знаат како да го направат тоа, па ќе гледаат телевизија. Не ги бидува да направат ни еден оригинален протест. Копираат од Белград. Им делат цвеќиња на полицајците, свират со свирчиња, удираат во тапани…
Студентскиот лидер е збунет. На разговор кај премиерот и министерката за образование зборува едно, додека се вози во службената “алфа ромео”, размислува на друго, по пејџер му праќаат порака да мисли на трето и конечно, кога ќе седне на работната маса од длаборез изјавува четврто. Ректорката е збунета. На младиот човек му порачуваше дека во зависност од совеста што ја има ќе му биде поголема и лузната, а сега му ги “маскира” лузните. Светот е збунет – што им стана на студентите од Финска, – досега беа фини. Не им пречеше ни лошиот студентски стандард, ни проблематичните избори на нивен претседател, ни партиските игри за избор на ректор. Им пречи образованието на Швеѓаните на шведски јазик. Според дефиниција, секој студентски протест се третира како напреден, интелигентен и му се дава поддршка. Ама, како да се поддржат финските студенти, заедно со српските. Оние во Белград бараат повеќе демократија, а овие помалку. Оние во Белград бараат слобода на изразување, овие палат весници, затоа што не им се допаѓа како пишуваат. Со цвеќињата, свирчињата и мавтањето со индекси се добива впечаток на лоша копија на оригиналот. Впечатокот лаже. Ова воопшто не е ни копија.
Пред Собранието прво протестираа “ТИЕ”.Сега протестираме “НИЕ”. Се појавува парола: “Или ние, или тие!” Онаа амбициозна студентка од Педагошкиот факултет со име Мирјана е претседател на тамошниот Сојуз на студенти. Не на сите студенти, затоа што “нивната” претседателка можеби се вика Лирија. Или ние, или тие! Ние – Радмила Кипријанова, тие – Фадил Сулејмани. Ние – во Скопје, Тие во – Мала Речица.
3. За разлика од Финска, во Македонија пред неколку месеци имаше приватизација и се купуваа акции. Во една ТВ-реклама, во една трошна куќа се будеше од сон млада брачна двојка, потоа домаќинката со шлафрок го испраќаше младиот бизнисмен со актен-чанта да купи акции од Градскиот трговски центар во Скопје и потоа тој се враќаше богат, го бакнуваше детето и на сите ни викаа да си купиме акции, и ни ветуваа успешна иднина на нашите деца.
Сега ни викаат: Извинете, се попишманивме, кој купил акции не требало да купува, домаќинката под шрафлокот бил “опната” во тренерки “за по дома”, на бизнисменот му ги украле парите од чантата во некоја од сигурните штедилници… Само на детето се уште му се насмевнува сигурна иднина во државата: денес е вака, по пет месеци, ќе видиме, а в година – да сме здрави и живи! Кога ќе порасне, белким ќе успее да извади виза и да побегне некаде каде што акционерските друштва траат подолго од половина година.
4. По целонеделно славење, таман фативме малку работа, моравме да ја чекаме и старата Нова година. Ова е измислица што е создадена само за овие простори. Толку прослави евентуално би им одговарале и на Медитеранците од Грција, Италија, Шпанија и Португалија, ама не можат да влезат во Европската монетарна унија. Инаку, замислете да му кажете на некој Германец, сте славеле, сте славеле, па таман една недела сте поработиле, среде работна недела пак треба да пиете, пеете и играте до 4 – 5 наутро и потоа да одите на работа. И така мамурни во фабрика да зашрафувате делови за кола. На пример, за “Ауди А-3”.
Не знам зошто воопшто и почнавме да доаѓаме на работа. Еве, сега на 7 февруари ќе мора да ја славиме и кинеската Нова година, па можеме да ги споиме празниците.
5. Пратениците ќе учат германски. Порано им организираа курсеви по англиски, ама сега на иницијатива на германскиот амбасадор ќе им организираат курсеви по германски јазик. Се бара некој странски амбасадор кој е вљубен во разни занимања, на пример, дреари, монтери, заварувачи, фризери, козметичари… Тој ќе им даде идеја на пратениците да посетуваат и такви курсеви. Така, Собранието ќе стане Работнички универзитет. Пратениците ќе посетуваат вечерно училиште .