ГОДАР, СПАЈК ЛИ, ПАНАХИ ВО ТРКА ЗА ЗЛАТНАТА ПАЛМА ВО КАН

    ГОДАР, СПАЈК ЛИ, ПАНАХИ ВО ТРКА ЗА ЗЛАТНАТА ПАЛМА ВО КАНПостерот за 71. Кански филмски фестивал е од филмот „Лудиот Пјеро“ на Годар од 1965 со Жан-Пол Белмондо и Ана Карина, а е инспириран од делата на фотографот Жорж Пјер (1927-2003), кој го овековечи снимањето на над 30 филмови, од Ривет, Рене и Мал до Таверние, Жулавски, Вајда и секако Годар (Фото: Кански филмски фестивал)

    Новите филмови на Спајк Ли и Жан-Лик Годар се дел од селекцијата за Златна палма на 71. Кански филмски фестивал што ќе се одржи од 8 до 19 мај. Фестивалот денеска ја објави селекцијата за престижната награда, а меѓу 17-те конкуренти се и филмовите на Џафар Панахи, Павел Павликовски, Кирил Серебреников, Надин Лабаки, Матео гароне, Хироказу Коре-Еда и Ѓиа Џанг-Ке.

    „Црниот член на Кју-Клукс-Клан“ на Спајк Ли, ќе има премиера на првата годишнина од насилните протести во Шарлотсвил, Вирџинија, каде што маршираа бели националисти и беше убиен демонстрант. Филмот е приказна за вистинскиот живот на Рон Сталворт, црн полицаец во Колорадо, кој во 1978 тајно се инфилтрирал во Кју Клукс Клан. Џон Дејвид Вашингтон го игра Сталворт во филмот, а Адам Воитер го игра неговиот партнер. Филмот на Годар „Сликовница“ е опишан како „револуционерна песна во пет поглавја“.

    Кан отвора со „Секој знае“ на иранскиот оскаровец Асгар Фархади , на шпански јазик со Пенелопе Круз и Хавиер Бардем.

    Контроверза годинава е што Нетфликс ги повлече сите филмови од Кан поради тоа што фестивалот лани одлучи да не прикажува филмови кои нема да имаат кинодистрибуција во Франција.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира