Медицинските сестри бараат промена на Законот за здравствена заштита, со кои нивната ноќна работа ќе биде прифатена како дежурство, исто како и за лекарите.
Од Унијата на здруженија на медицински сестри, акушерки и техничари, велат дека по минатонеделниот предлог да се потпише анекс на колективниот договор, досегашниот коефициентот за ноќен труд од 29 отсто да се зголеми на 65 отсто за медицинските сестри е неприфатливо. Изразено во бројки по сегашниот коефициент тие добиваат 215 денари саатнина за ноќен труд, а со покачувањето ќе добијат плус 80 денари. Според медицинските сестри ова покачување е минимално и не го вреднува на вистински начин трудот што го вложуваат.
„Плаќањето на дежурствата за лекарите е по друг основ на саатнината каде се поделени гранките на интернистички и хируршки гранки и во овој момент плаќањето е 67 отсто од саатнината во интернистичките гранки, односно 83 отсто во хируршките гранки. Така се исплатени носителите на дејноста. Додека медицинските сестри и другите сродни струки на медицинските сестри се платени по основ на ноќен труд или 29 отсто од саатнината. Тоа значи дека се организирани во сменска работа, која законски е одредена заради континуирана здравствена заштита. Но, во пракса поради недостиг од кадар сестрите не работат во сменска работа. Заради потребите на службите во викенди, празници па и во обични работни денови работат по 16 часови, и ја надминуваат 12 часовната саатнина која формира сменска работа“, вели сестра Гордана Бешлиовска, координатор на Унијата на здруженија на медицински сестри, акушерки и техничари.
Таа вели дека од овие причини бараат измени на член 216 од законот за здравствена заштита и дека во текот на утрешниот ден нивните барања и писмено ќе го достават до Министерството за здравство.
Е. БОЧВАРОСКА