Во полна сала на киното Милениум со режисери, професори, актери и студенти, режисерот и професор Владимир Блажевски синоќа го претстави својот четврти филм „Година на мајмунот“. Со премиерата на овој филм, работен по негово сценарио, почна 21. издание на Скопје филм фестивал. Филмот од денес е на редовниот репертоар на Синеплекс.
„Година на мајмунот“ е сатирична комедија, копродукција со Косово, Србија и Словенија. Буџетот за филмот е 1,4 милиони евра, обезбедени од Агенцијата за филм на Македонија, Еуримаж и Кино-мрежата на Југоисточна Европа.
Режисерот е задоволен од првичниот впечаток на публиката, со оглед на тоа дека е специфична комедија на апсурд и важно му е што реагирала на точни места. Како што кажа деенска на прес-конференцијата, во овој филм за разлика од претходниот, „Панкот не е мртов“ (2011), сакал да создаде стилски сосема различна слика.
„Не само во смисла на гама и колорит, туку и во смисла на расположение, една идеја да се долови бајковитост, во тој инаку грд и апсурден свет. Филмот и во визуелна димензија требаше позитивно да зрачи кон гледачот, да создава еден контрапункт, значи да зрачи со оптимизиам, а друга страна се случува тоа што се случува во приказната. Тоа беше нашата стратегија“, кажа професорот, кој ги има снимено и „Хај- фај“ (1987 ) и „Булевар на револуцијата“ (1992).
Поради копродукцијата со три земји, продуцентот Дарко Попов вели дека проектот бил прилично комплициран и токму затоа се развиваше уште од 2012.
„За разлика од претходниот филм, овој филм сакавме да биде топол, позитивен и стилски и визуелно го работевме поинаку. Сакавме да направиме една убава бајковита атмосфера и задоволен сум како изгледа крајниот резултат“, кажа кинематограферот Димо Попов.
Главните улоги ги играат Игор Ангелов, Марија Кон, Решит Береда, Рефет Абази, Тања Кочовска, Петер Елиот. Музиката е на Алек Пејовски.
Двата главни протагонисти се Цобе, сиромашен чувар во Зоолошката градина во Скопје и шимпанзото Коко. Едноставната приказна се плетка околу бегањето на Коко ‘од ропство во слобода’. Цобе, поради општата економска криза и беда, добива отказ на своето работно место и ветување дека ќе го вратат на работа доколку успее да го пронајде и донесе назад одметникот.
Скопскиот филмски фестивал ќе трае до 26 април, а најавени се повеќе од 50 филмови, работилници, гостувања на нови европски филмски имиња, како и ретроспектива на Алфред Хичкок.
Б. НЕСТОРОСКА