Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов е во дилема дали да се гради втората фаза на жичницата на Водно. Шилегов вели дека апсурдно е на простор каде се лекуваат деца од белодробни заболувања да се направи почетна станица и да се сечат дрва.
Според проектот кој е направен уште од минатото раководство на Министерството за транспорт и врски, почетната станица на жичницата треба да биде на паркингот кај детската болницата за белодробни заболувања Козле. Предвидено е втората фаза на жичницата да биде долга 1.600 метри, да има 27 кабини и да чини околу 7 милиони евра.
„Апсурдно и за мене неприфатливо е на децата кои се лекуваат таму од белодробни заболувања да им ги донесеш колите пред нос. На постоечката улица сега не можат да се разминат повеќе возила а замислете што ќе биде ако туку е почетна станица. Ако се гради според тој проектот треба да се сече и дел од шумата. Не се проблем парите, тие се обезбдени со буџетот на Министерството за транспорт и врски. Имаме дилеми во однос на тоа што локацијата е несоодвтена“, рече денеска Шилегов одговарајќи на советничко прашање на советниците од ВМРО-ДПМНЕ кои го обвинија дека не реализирал ниту еден проект и не ги продолжил оние кои ги започнало претходното раководство.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески лани во декември рече дека ќе го продолжат проект за доизградба на жичницата во Скопје.
„Следната година планираме да започнеме со постапка за изградба на жичарница од Средно Водно до Институтот за белодробни заболувања Козле. За овој проект од буџетот за 2018 година предвидовме 50 милиони денари. Со ова планираме да ја збогатиме туристичката понуда на градот“, рече тогаш министерот Сугарески.
А. АНТЕВСКА