Премиерот Зоран Заев кажа дека преговорите за најавената реконструкција на Владата се при крај и таа ќе се случи по првомајските празници. Тој вели дека за таквите разговори ги користи викендите, бидејќи има многу работа, но се надева дека викендов процесот ќе приврши.
„Течат разговорите и преговорите, повеќе ги користам викендите за оваа работа оти имам многу работа, гости во Македонија и слично. Се надевам дека овој викенд ќе привршуваме со оваа работа. По првомајските празници, планирам да излезам со информирање на јавноста и со соопштување пред парламентот за сето она што ќе претставува промени во владиниот состав, а потоа и соодветно промени во директорски места во одредени институции“, кажа Заев, без да открие кои нови партии ќе влезат во Владата, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција по потпишувањето на годишната програма за вработување во Владата.
За денешната средба на министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас со медијаторот на ОН Метју Нимиц во Виена, Заев кажа дека очекува исчекор во преговорите за името.