Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) Ден Дончев не кажува по кој критериум годинава се поделени квотите за бањско лекување, и зошто една од бањите има три пати зголемена квота и ќе добие скоро половина од предвидениот буџет на Фондот за оваа здравствена услуга.
ФЗОМ не објасни по кој критериум струмичката бања Цар Самуил Банско, која е со најмал капацитет и најмалку лекарски тимови, доби скоро 45 отсто од вкупниот буџет на Фондот за бањско лекување.
Буџетот на ФЗОМ за бањско лекување од 2012 година е непроменет и изнесува вкупно 70 милиони денари. Според податоците до кои дојде САКАМДАКАЖАМ.МК, Управниот одбор на ФЗОМ на 29 јануари годинава донел одлука за поделеба на квоти за бањско лекување на пациенти на товар на Фондот, со кој струмичката бања Цар Самуил Банско добива квота од 32 милиони денари, а претходните три години годишната квота на оваа установа била 13 милиони денари.
САКАМДАКАЖАМ.МК пред четири дена по електронска пошта преку одделението за односи со јавност на ФЗОМ побара објаснување по кои критериуми годинава се делени квотите за бањско лекување, зошто една од бањите има три пати зголемена квота и колку осигуреници годишно користат медицинска рехабилитација во бања на товар на ФЗОМ.
Прашањата му беа пратени и лично на директорот Ден Дончев, кој прво побара време да подготви одговор, а потоа вети дека ќе одговори до крајот на вчерашниот ден. Но, одговор од Дончев четири дена – нема.
За сметка на зголемувањето на квотите за медицинска рехабилитација на осигуреници на ФЗОМ во Цар Самуил Банско, намалени се квотите на Катлановска Бања и на Негорски Бањи. Според одлуката на Управниот одбор на ФЗОМ, Катлановска бања која претходните три години имала квота од 25 милиони денари, годинава добила квота од 15 милиони денари. Скратувањето на квотата на Негорски Бањи е за 10 милиони денари, односно во оваа бања медицинска рехабилитација осигурениците на ФЗОМ може да побараат до квота од 6 милиони денари.
Квотата на Дебарски Бањи е зголемена за милион денари и сега таа изнесува 17 милиони денари.
Од четирите бањи во земјава кои нудат медицинска рехабилитација и кои имаат договор со ФЗОМ, најмногу легла има во Дебарски Бањи, каде има 400 легла, потоа Негорски Бањи со 285 легла, Катлановска Бања со 280 легла и Цар Самуил Банско, која ќе добие најмногу пари од буџетот има најмалку – 150 легла.
Катлановска Бања има 4 лекарски тима, кои работат со пациенти на кои им е потребна медицниска рехабилитација, Дебарски Бањи имаат двајца физиотерапевти и двајца лекари, Негорски Бањи има два лекарски тима, а бањата Цар Самуил Банско само еден лекарски тим.
Е. БОЧВАРОСКА