Втора година по ред, ракометарите на Вардар отидоа до самиот крај и ќе ја завршат својата европска сезона во Келн.
Вардар ќе ја брани европската титула на завршниот турнир на Лигата на шампионите, иако во реваншот од четвртфиналето загуби со 27:28 (13:13) од најтрофејниот германски клуб Кил.
Иако Вардар имаше гол предност од првиот натпревар во Германија, дуелот во „Јане Сандански“ во Скопје имаше неизвесен исход сѐ до последните секунди, не само околу победникот, туку и околу патникот во Келн, особено откако гостите поведоа со 28:27 на десетина секунди до крајот. Сепак, ниту овој резултат ништо не му гарантираше на Кил.
Фајнл форот во Келн се игра на 26 и 27 мај, а покрај Вардар, таму се пласираа и три француски екипи: Пари Сен-Жермен, Нант, за кој од оваа сезона настапува Кире Лазаров, и Монпелје.