Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски од собраниската говорница обвини дека списокот со гости кои се пријавуваат во собраниската пријавница кога ќе дојдат на средба кај него, опозицијата, лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села и кај лидерот на Движењето Беса Африм Гаши, се праќа по други институции и е предмет на посебна анализа.
„Има список кој дошол на средба со Димовски, со Гаши, со Села. Она што е фрапантно и зачудувачко е што имаме потврда од институции каде дел од тие луѓе работат дека таквиот список од Собранието се препраќа во тие институции кај што работат дел од луѓето кои дошле на средба со опозициските пратеници. Под посебна анализа се гостите кај Зијадин Села, Африм Гаши, Никола Попоски, Антонијо Милошоски, кај мене и кај други пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Не барам да преземете нешто, го знам наравот и причините, желбите и мотивите за ова. Мојата цел беше да ја информирам јавноста за тоа каков тоталитарен режим постои во Собрание. Кој го одобрил, кој го спроведува, има медиуми нека истражуваат“, рече Димовски.
Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека Димовски ја злоупотребил говорницата, дека Собранието е отворено за граѓаните, дека има правилник кој е донесен пред неколку години и во него е предвидено дека лицата мора да се евидентираат за да се знае кој влегува и излегува од Собранието.
Џафери на обвинувањата на Димовски, му одговори дека треба да го докаже тврдењето дека списокот со гости кои доаѓаат во Собранието се праќа по други институции.
Собранието не го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ на седницата да се стави на дневен ред нивниот предлог за измена на Законот за акциза по скратена постапка.
На денешната пленарна седница на дневен ред се околу 60 точки.
Г. ТРПЕНОСКИ