Министерот за внатрешни работи Митко Чавков, со разрешувањето на Примислав Димовски од шеф на полициските “алфи“ го повредил членот 50 став 3 од Законот за кривична постапка, кој изрично забранува разрешување и распоредување на друго работно место на истражител назначен со наредба на јавен обвинител. Министерот се соочува со кривична одговорност. Примислав Димовски се води како истражител во Специјалното јавно обвинителство.
Извори од ова обвинителство за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдуваат дека нив никој не ги прашал дали може да биде сменет истражителот Димовски од работното место и да биде распореден на друго, што е противзаконско. ЗКП јасно вели дека секој истражител, назначен со наредба на кој било обвинител од Македонија, работи под негова контрола и наредба на истото работно место во времето кога за него била дадена наредба за истражител, сѐ додека јавниот обвинител не ја смени наредбата. Никој не смее да постапи спротивно на оваа одредба, бара Законот во член 50. Затоа и доскорешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, велат извори од МВР, не смеел да разрешува и поставува неколку други началници од МВР кои биле назначени со наредба на јавни обвинители од СЈО и од другите обвинителства. Во спротивно, ќе се соочел со кривична одговорност, како што се соочува сега министерот Чавков со разрешувањето на Димовски, кој патем бил истражител на СЈО.
Во петокот, министерот Чавков на местото на Димовски го врати претходниот шеф на “алфите“, аболираниот Ивица Анчевски – Пуки. Анчевски беше главен осомничен за измачување и нечовечно постапување при апсењето на Љубе Бошкоски и главниот лик во акционата драма на видеоснимката од тоа апсење.
На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК, од СЈО ни одговорија дека за Анчевски се водела постапка само за тоа кривично дело за кое го аболираше претседателот Иванов. Друга постапка против него кај нив засега нема.
На прашање, пак, кој ги чува обвинителите од Специјалното обвинителство сега по враќањето на првообвинетиот во случајот Тортура за шеф на “алфите“, извори од внатрешното обезбедувањето на СЈО ни рекоа:
“Сега никој не ги чува обвинителите од СЈО како лично обезбедување. Се снаоѓаат.“