Таванот на Градскиот трговски центар ќе се реновира, а објектот целосно ќе се осветли. Деновиве раководството на трговскиот центар распиша тендер за избор на изведувач кој ќе го замени стариот „хантер даглас“, кој се распаѓа со нов и ќе постави ЛЕД осветлување. Според објавата, за реновирањето и осветлувањето на ГТЦ ќе се потрошат околу 32.000 евра.
„Таванската конструкција во трговскиот со години е во очајна состојба. При секој дожд вода протекува, а парчиња од ‘хантер дагласот’ на одредени места се извадени. Никој со години не направил, ни минимални зафати. Очекуваме во текот на летото реконструкцијата на таванската конструкција да заврши“, вели Ѓоко Трајчевски, директор на ГТЦ.
Директорот Трајчевски вели дека наредната недела ќе биде распишан и тендер за реновирање на тоалетите во трговскиот центар, а во јуни и повикот за избор на проект за претворање на кровот на ГТЦ во зелена градина.
„Ова се првични проекти кои ќе го вратат сјајот на ГТЦ. Од утре повторно во подрумот на трговскиот ќе застанува линијата 50 која беше на кратко преместена поради асфалтирање на улицата“, додава Трајчевски,
Зимоска во ГТЦ беа ставени во функција лифтовите кои беа технички неисправни, се постави нов мермер, се поправија ескалаторите и се бојадисаа столбовите и внатрешната фасада.
А. АНТЕВСКА