НЕ МОЖЕ ДА СЕ ГРАДИ БОЖЈИ ХРАМ СО КРШЕЊЕ НА БОЖЈИТЕ ЗАПОВЕДИ „НЕ КРАДИ“ И „НЕ ЛАЖИ“, КАЖА ЗАЕВ НА СУДЕЊЕТО ЗА „ПОТКУП“

    НЕ МОЖЕ ДА СЕ ГРАДИ БОЖЈИ ХРАМ СО КРШЕЊЕ НА БОЖЈИТЕ ЗАПОВЕДИ „НЕ КРАДИ“ И „НЕ ЛАЖИ“, КАЖА ЗАЕВ НА СУДЕЊЕТО ЗА „ПОТКУП“Обвинетиот за поткуп Заев вели дека снимката објавена на Јутјуб е сечена на две места. - Премиерот Зоран Заев; Обвинителката Валентина Бислимовска (Фото: СДК.МК)

    Премиерот Зоран Заев, обвинет во предметот „Поткуп“, на денешното сослушување во Кривичниот суд кажа дека верува во Господ и смета дека не може да се гради божји грам со кршење на божјите заповеди, како „не кради“ и „не лажи“.

    Судијката Добрила Кацарска го праша Заев дали снимката објавена на Јутјуб, на која изгледа дека бара поткуп од едно евро за црквата и едно евро за Вицето, неговиот брат, е идентична со таа што се слушала без јавност во судницата. Заев одговори дека исечена е на две битни места.

    „Токму кај што кажувам ’цементо‘ на струмички за цемент и за друг градежен материјал што ако милува, може да ги даде Николов како придонес за храмот, таму е исечена снимката на Јутјуб за моја дискредитација и политички линч“, одговори Заев.

    „Јас сум човек што верува во Господ. Сметам дека не може да се гради божји грам со кршење на божјите заповеди: не кради, не лажи и така натаму“, додаде тој.

    Претходно, обвинителката од организиран криминал Валентина Бислимовска, избрана пред неколку месеци, му постави само две прашања на Заев.

    По распитот од одбраната, каде Заев тврдеше дека генерален став на советниците доброволно и без условувања да се бараат по 3 евра за квадрат од бизнисмени од Струмичко при легализација на градежно земјиште, па така и од бизнисменот Иван Николов обвинителката Бислимовска праша: „Дали во текот на вашето работење како градоначалник на Струмица сте имале поплаки?“.

    По ова судијката, Кацарска рече дека прашањето треба да е попрецизно. Бидејќи обвинителката не направи корекција, Заев почека, па одговори дека имало само од Никола Груевски, Сашо Мијалков, Миле Јанакиески и Митко Чавков, кои му поднеле кривична пријава за објектот „Глобал“.

    Кацарска укажа дека не било прашањето за истраги и судски процеси и ја замоли обвинителката да биде појасна.

    „Мислев да прашам дали имало поплаки од граѓани“, рече Бислимовска.

    „Немало. Јас бев прогласен за најдобар градоначалник на Балканот“, одговори Заев на она што трeбаше да бидат вкрстени прашања од обвинителката.

    Во среда продолжува судењето за „Поткуп“ со гледање на објавените снимки на Јутјуб. Од Обвинителството за организиран криминал и корупција, Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од бизнисменот Иван Николов за купување градежно земјиште.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира