Седумдесет и првото издание на филмскиот фестивал во Кан се отвара вечерва со премиерата на „Секој знае“ на иранскиот оскаровец Асгар Фархади, во која играат Пенелопе Круз и Хавиер Бардем, но голем дел од драмата на годинешниот фестивал се случува надвор од екранот. Сенката на озлогласениот филмски магнат Харви Вајнстин се појави над Кан годинава. Вајнстин веќе две децении беше присутна фигура на Канскиот фестивал, каде што се случиле неколку наводни сексуални злоставувања.
Оваа година, Кан воспостави телефонска линија за жртви на сексуално вознемирување на фестивалот.
Директорот на фестивалот Тјери Фремо изјави дека откривањата на случаите на Вајнстин се шокирачки за Канскиот фестивал, принудувајќи го фестивалот да гo испита сопственото работење и да направи повеќе за да ја подобри родовата еднаквост.
Годинешното жири има голем број на истакнати членови на движењето „Времето истече“, меѓу кои и претседателката на жирито, Кејт Бланшет. Во жирито се и актерките Кристин Стјуарт и Леа Сејду, американската писателка и режисерка Ејва ДуВернеј , пејачката и композиторка Каџа Нин од Бурунди, кинескиот актер Чанг Чен, канадскиот режисер Денис Вилнев, францускиот писател Роберт Гудигијан и големиот руски режисер Андреј Звјагинцев.
Во текот на следните две недели, тие ќе ги гледаат 21 филмови кои се натпреваруваат за Златната палма, меѓу кои се новите филмови на Спајк Ли, Жан-Лик Годар, Џафар Панахи, Павел Павликовски, Кирил Серебреников, Надин Лабаки, Матео Гароне, Хироказу Коре-Еда и Ѓиа Џанг-Ке. Три од 21 филм се во режија на жени: Надин Лабаки, Ева Хасон и Алис Рорвахер.
Кан е со години критикуван поради тоа што нема повеќе режисерки во конкуренцијата за награди. Само една режисерка, Џејн Кемпион, има освоено Златна палма.
Откако лани два филма на Нетфликс се натпреваруваа во главната конкуренција, француските филмаџии протестираа по што Канскиот одбор на директори одлучи дека филмот кој ќе биде во конкуренција во Кан мора да има и француска кинодистрибуција. Францускиот закон го спречува филмот што игра во кината да има стриминг три години. Соочени со прикажување на своите филмови надвор од конкуренција, Нетфликс ги повлече своите филмови од Кан.
Исто така, веројатно од фестивалот ќе отствуваат двајца режисери кои се во домашен притвор во нивните матични земји. Фестивалот побара да бидат направени отстапки за рускиот театарски и филмски режисер Кирил Серебреников и иранскиот режисер Џафар Панахи, за да можат да присуствуваат на премиерите на нивните филмови, но тоа е малку веројатно. Но, данскиот провокатор, режисерот Ларс фон Трир, ќе се врати во Кан седум години откако беше прогласен за „непожелна личност“, откако се пошегува дека е нацист и дека има симпатии кон Хитлер.
Во Кан се враќа и „Војна на ѕвездите“. Светската премиера на „Соло: Приказна за Војна на ѕвездите“ е закажана на 15 мај.
Фестивалот ќе трае до 19 мај.