Тери Гилијам, американскиот режисер кој се прослави како член на „Монти Пајтон“, претрпил мозочен удар, истиот ден кога судот во Париз требаше да реши дали неговиот најнов филм „Човекот кој го уби Дон Кихот“ може да го затвори Канскиот фестивал на 19 мај.
На 77-годишниот Гилијам му се слошило викендов, но по само еден ден бил пуштен од болницата во Лондон.
Гилијам почна да го прави филмот уште во 1989 година и по голем број одложувања, тој се здоби со статус на една од најнесреќните продукции во филмската историја. Сега кога конечно успеа да го заврши, филмот стана предмет на несогласувања околу правата за дистрибуција.
Поранешниот продуцент Паоло Бранко покрена судски спор на 25 април со цел да го спречи прикажувањето на филмот, тврдејќи дека неговата компанија „Алфама“ ги има правата.
Сепак, Канскиот фестивал објави дека го поддржува Гилијам и дека планира да одржи премиера на филмот, освен доколку судот не реши поинаку.