Нова катастрофа ги погоди овоштарите во Преспа. Градот и оваа пролет уште непорастени ги оштети јаболката во најбогатиот регион во земјава со јаболкови насади. Попладнево Ресен и околните села беа зафатени од силни врнежи на град, на места со големина на орев. Градот ги исчука плодовите од јаболкниците кои во овој период на годината се многу мали.
„Невремето ги зафати селата што гравитираат околу Ресен, и тоа атарите на Евла, Болно, Дупени, поранешниот блок на Агроплод каде што сега се наоѓаат приватни парцели и други места. Силно врнеше град, на почетокот суво без дожд. Ги исчука јаболката по повеќе пати, некаде плодовите удирани се и по десетина пати, а мали се колку лешник. Се очекуваат големи штети“, велат земјоделци од регионот.
Земјоделците бараат во вакви ситуации да се активираат градобијните ракети, кои функционираа во минатото.
Ова е трета година по ред како овоштарниците во Преспа трпат големи штети од пролетните невремиња. Лани пролетните мразеви во април оштетија 90 проценти од јаболковите насади, а градот во јуни ги сотре останатите десетина проценти. Поради ова, производството на јаболка минатата година беше десеткувано. Во овој крај овоштарството е главна егистенцијална гранка на жителите, дури 70 проценти од домаќинствата се занимаваат со одгледување овошки.
Ж. ЗДРАВКОВСКА